Твитер веќе нема да се бори против дезинформациите околу Ковид-19


Твитер ја укина политиката чија цел беше справување со дезинформациите околу Ковид-19. Платформата со ова се става во ризик од потенцијален пораст на лажни тврдења во САД и насекаде низ светот, а во време кога има жестоки протести против нула Ковид мерките во Кина.

Овој потег исто така доаѓа по критики и загриженост околу тоа дали мрежата е способна да се бори со дезинформациите, откако отпушти околу половина од својот персонал, по преземањето на компанијата од страна на Илон Маск.

-Од 23 ноември 2022 година, Твитер веќе не ја спроведува политиката за борба против лажни информации за Ковид-19, се вели во денешното ажурирање на неговата блог страница за политики, јави Си-ен-ен.

Не е јасно какви конкретните мерки Твитер има намера да отфрли. Компанијата не одговори на барањето да сподели повеќе информации, јавија некои американски медиуми.

По ширењето на пандемијата во 2020 година Твитер воведе голем број мерки, вклучително и етикети и предупредувачки пораки на твитови со спорни информации за здравствената криза и рамка како корисниците да ги отстранат твитовите што шират лажни тврдења поврзани со вакцините или пандемијата.

Од минатиот месец,Твитер е во сопственост на милијардерот Маск. Популарната социјалната мрежа, најмногу користена од професионалните новинари, тој ја купи за 44 милијарди долари и започна со брзи промени на услугите и персоналот на платформата. Маск на 29 октомври рече дека ќе формира совет за модерација на содржината со „широко различни гледишта“.