На Твитер го облекоа Меси во дресот на ПСЖ, но од таму порачуваат уште не е готово


Пари Сен-Жермен се уште не се договорил со напаѓачот Лионел Меси, информира „Goal.com“ повикувајќи се на прес -службата на парискиот клуб.

Претходно беше објавено дека Аргентинецот и ПСЖ го завршија договорот за трансфер.

ПСЖ соопшти дека ова се лажни информации, и договорот сé уште не е склучен.

На 5 август, Барселона објави дека Меси го напушта клубот. Денес голем број светски медиуми објавија дека напаѓачот ќе стане играч на ПСЖ во наредните денови. Триесет и четиригодишниот Аргентинец треба да потпише двегодишен договор со можност за продолжување на уште една сезона. 

Највлијателните новинари за трансфери известуваат дека практично се е договорено меѓу таткото на Меси, Хорхе и предводникот на парискиот клуб. Меси сениор денеска ќе пристигне во Париз и се очекува само телефонски да ги потврди условите договорени. Следната недела Лионел Меси веќе би можел да биде претставен како нов играч на Пари Сен Жермен. Каталонскиот Мундо Депортиво пишува дека тоа ќе се случи во вторник.

Братот на првиот човек на ПСЖ, шеикот Мохамед бин Хамад бин Калифа Ал Тани, објави фотографија од Меси во нов клупски дрес на Твитер и напиша дека Меси е веќе нивен.

„Преговорите официјално се завршени и се ќе се потврди наскоро“, напиша шеикот, дополнително потврдувајќи дека повеќе нема дилеми.

Француските медиуми дојдоа до детали за договорот што ќе биде потпишан на три години, со тоа што третата година практично е оставена како можност. Меси ќе добива годишна нето плата од 40 милиони евра, што ќе значи дека клубот покрај Аргентинецот ќе потроши и 80 милиони евра за даноци.

Токму оваа астрономска плата, која е пет милиони повисока од онаа на Нејмар, ќе им создаде проблеми на челниците на клубот, кои ќе мора да се ослободат не од едно, туку од неколку силни имиња за да ги усогласат бројките со финансискиот фер -плеј на УЕФА.

Од Паркот на принцовите доаѓа порака дека сметаат дека е можно во новата ситуација да се задржи Килијан Мбапе, кој според многу извори сака да си замине, а вистинското прашање е како е можно ПСЖ да ги покрие сите трошоци на многу sвезди и да не ги прекршат правилата наметнати од УЕФА.

За потсетување, Хакими беше донесен од Интер за 60 милиони евра, а Џиџи Донарума, Серхио Рамос, Георгинио Вајналдум и сега Лионел Меси пристигнаа бесплатно.

Од Барселона стигна демант на веста дека Серхио Агуеро, лут поради целата ситуација, одлучил да побара правна помош за да ја напушти Барселона. Ова го негираше сопствениот адвокат на Агуеро, кој се надеваше дека ќе игра со својот кум, но сепак останува во Барса.

Поради заминувањето на Меси, претседателот на Барселона, Лапорта најави дека сега ќе можат нормално да се регистрираат други засилувања за следната сезона.