ТВ дуел: И Заев и Мицкоски се за правда, но спротивно гледаат на Законот за ЈО

Телевизиски дуел меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски почна со жестока дебата за состојбите во правосудството и Законот за јавно обвинителство.

Заев кажа дека не се согласува со тврдењата дека со Маршот за правдата што го организира СДСМ, потврдиле дека потфрлиле на главното ветување дека ќе ја донесат правдата.

Апсолутно не. Демонстриравме борба до крај додека сите вредности не бидат и практично воспоставени. Со Маршот за правда упативме порака дека ја завршивме работата до крај, дека извршната и парламентарната власт ја завршија работата, а сега народот по донесување на Законот за јавно обвинителство очекува практична примена на законите“, рече Заев.

Во дебатата тој истакна дека судиите и обвинителствата се независни институции, и дека власта не се меша во нивната работа, како пред 2017 година. Им порача на судиите дека нема да се дозволи да застарат предмети, да се враќаат повторно од почеток, да се чуваат во фиока.

-Судиите и обвинителствата се независни институции, власта не треба да се меша, како што тоа беше до 2017, па ние се боревме против тоа, судовите треба да судат врз основа на докази па и да донесуваат ослободителни пресуди, порача Заев.

Лидерот на СДСМ го повика Мицкоски да се огради од Никола Груевски, посочувајќи дека тоа е како да ја слуша истата „матрица“ и како постојано да го слуша Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ не може да направи разлика меѓу извршна, законодавна и судска власт. Не можете да се одлепите од матрицата на Никола Груевски, цело време зборувате исто како него. Тоа е тоа што го гледа и јавноста, извршител сте на Груевски или еден инструмент со кој диригира Груевски“, рече тој и го повика Мицкоски да се огради од Груевски.

За Законот за јавно обвинителство, Заев потенцира дека тој е поддржан од целата меѓународна заедница, од ЕУ, САД, и оти тоа е структурен закон што ја гарантира правната држава.

Цела меѓународна заедница и огромен дел од експертската јавност го потврдија и го поздравија Законот за ЈО и сите предмети и предистраги на СЈО се гарантирани со него. Само ВМРО-ДПМНЕ и извршителот Мицкоски е против затоа што брани криминал“, истакна Заев.

Законот, повтори тој, важи еднакво за сите, а сите докази прифатени од обвинителството се валидни.

Судството мора да се прочисти, 90 отсто од судиите се од времето на ВМРО-ДПМНЕ, кое влијае и 11 години влијаеше врз судството со застарување на предмети, враќање на повторно судење“, порача Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека се чуди на конфузната изјава на Заев кога вели дека не се согласува дека имале три години за реформа во правосудството, кога тој лично го водел телото за реформи.

Многу е доблесно да кажете дека сте погрешиле“, рече Мицкоски.

Според него, ако порано судството беше познато како Сваровски судство, денеска е Луи Витон судство. Мицкоски го спомена последниот предлог за член на Судскиот совет, посочувајќи дека станува збор за активистка на СДСМ.

За обвинувањата дека за Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му рече на Заев дека е опкружен со соработниците на Груевски и оти тој нема контакти со него.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во една од репликите до Заев, му рече дека тој по изборите на 12 април ќе одговара за тоа што го правел, дека барал амнестија за себе и за своите соработници со Законот за јавно обвинителство.

Тој прочита дел од Законот за јавно обвинителство односно членот 110 од Законот.

Навистина не можам да го разберам, дека е објективно дека гарантира правда, правичност, но еве ќе си дозволам пред вас да го прочитам членот 110 од овој Закон, став 1 вели ‘јавното обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали’. Каде е тука јавниот интерес? Каде е тука Судот за човекови права во Стразбур“, праша Мицкоски.

Според него, има многу случаи во коишто и нелегално стекнат материјал поради јавен интерес и основано сомнение се земаат како докази за криминал.

-Да ги читам став 2 и став 3? Знаете што е дефиниција за заробена држава, кога се прави закон за определена група на луѓе. Законот вика исклучок од овој член се предметите од јавното обвинителство поранешното СЈО кои што се поднесени до 30 јуни, а се што е после 30 јуни може да се користат само како индиции и да не може да се заснова обвинителен акт. Во Законот за кривична постапка се вели дека доказите што се доставени, стекнати на нелегален начин, не може да бидат третирани како докази“, рече Мицкоски