Малите партии се фатија за гуша, два пати им исклучуваа микрофони во ТВ-дебата

Мали партии, големи караници: Љупчо Ристовски, Солза Грчева и Петар Богојески на Телма

Љупчо Ристовски од Интегра, Солза Грчева од Глас за Македонија и Петар Богојески од Македонски концепт во жестока кавга на Телма за Договорот со Бугарија, користењето на религијата во политичка кампања…

Мирче Јовановски

Предизборната кампања се вжештува и кај помалите партии – вечерва во дебатната емисија „Топ тема“ на Телма водителот Боби Христов два пати повика им се исклучат микрофоните на гостите – Љупчо Ристовски од Интегра, Солза Грчева од Глас за Македонија и Петар Богојески од Македонски концепт. Претставувајќи ги своите програми со кои ќе излезат на изборите и дебатирајќи за одделни теми, тие разменија остри стрели еден кон друг, а многу често тоа се претвори во жестока караница. Најчувствителен беше Ристовски кој не дозволуваше соговорниците во дебатата да ги критикуваат идеите за инвестициски фондови, користењето на религијата во предизборната кампања и тн.

„Оставете ме мене, бавете се со вашите програми“, довикуваше Ристовски.

Иако понекогаш учесниците генерално имаа ист став за одредени прашања, тоа не пречеше да влезат во жестока полемика. Така беше за односот кон Договорот со Бугарија, при што Ристовски и Грчева спореаа кој од нив и од партиите биле први на браникот на одбрана на македонските интереси. Всушност, целата дебата беше на границата и ортаде границата на национализмот. Љупчо Ристовски рече дека владата на Интегра уште во првите 100 дена еднострано ќе го поништела Преспанскиот договор и дека тоа ќе било меѓународно правно валидно му го потврдиле многу експерти.

„Ние сме единствена партија која тоа го говори, Договорот со Бугарија мора да се поништи“, рече Ристовски „Никој не смее да помисли да ме оспори јас да бидам Македонец“, гласно дебатираше, при што елаборирајќи дека има писмен доказ дека веќе седум генерации е Македонец.

„Слабите студенти кај мене на факултет ќе ги прашаат за слонот, а одговараат за инсектите“, возврати Грчева додавајќи дека дебатите не треба да се претворат во реклама за нешто кое никој не знае за што станува збор.

„Оставете го тој концепт којшто никој не го разбираме“, му рече Грчева на Ристовски.

„Солза, престанете да се бавите со другите, бавете со својата беда“, возврати Ристовски.

Всушност, жолчната престрелка меѓу Грчева и Ристовски личеше како на некакви нерасчистени сметки и како да се преземе еден мал простор на популистичка десница.

Петар Богојески главно беше надвор од караниците меѓу нив двајца, но го поттикна Ристовски да го крене неговиот глас кога стана збор за религијата. Лидерот на Интегра не можеше да ги истрпи ниту критиките на Богојески околу користењето на религијата во предизборната кампања.

„Навистина е непримерно да се злоупотреба религијата во партиски цели. Тоа е нешто што е крајно невкусно за мене како верник, да имам во политичката дебата човек кој го злоупотребува авторитетот на мојата религија – христијанската и на мојата света книга – Библијата за партиски цели“, рече Богојески.

„Значи вака Петар, најголемата будалаштина воопшто е да давате лични квалификативи. Мој совет е клонете се од тоа. Така во политика не се успева“, му рече Ристовски, додавајќи дека верата е фундаментот на сите негови политики.

Апелите да бидат парламентарни не успеваа, па водителот Христов два пати мораше да ја „лади“ атмосферата со исклучување на микрофоните на учесниците во дебатата.

Инаку, Богојески и Ристовски денес се соочија и во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, каде што исто така жестоко полемизираа околу повеќе прашања. Ристовски уверуваше дека неговата партија Интегра на изборите ќе освои 33 пратеници.

Дебатата покажа дека и на  помалите партии не им недостигаат големи ветувања и проекти со кои тргнаа во лов на гласови.