Тутунски комбинат Прилеп лани со добивка од 39,2 милиони денари, прва по неколку децении

Над 39 милиони денари добивка за Тутунски комбинат од Прилеп покажа завршната сметка на компанијата. Ова е успех на компанијата која по петгодишно партнерство со Филип Морис Интернационал во заедничката компанија ПМТКП успеа да излезе од листата на загубари. Позитивните резултати на компанијата се должат на зголемената ефикасност и модернизација на компанијата.

„Оперативната добивка за минатата година се должи на успешно спроведена систематизација на работни места, но и поради големиот број на инвестиции за зголемување на енергетската ефикасност кои значително ги намалија трошоците по основ на енергија во друштвото. Тоа пак ни овозможи да ги зголемиме месечните примања на вработените за 25 отсто“, изјави Кирил Станкоски, генерален директор на ТКП.

Изминатите години следеше прво стабилизација на работењето на комбинатот, проследена со  квалитативна трансформација на производниот процес и модернизација на работењето овозможено од стратешкото партнерство со Филип Морис.

„Добрите перформанси нé донесоа до момент за почеток на производството на Marlboro Fine Touch со што успеавме да станеме позиционирани на мапата на производители на најпознатиот глобален бренд на Филип Морис. Откупот на тутунот помина беспрекорно, а квалитетот е неспорен. Одиме кон подобро и сме големи оптимисти и за оваа година”, додаде Станкоски.

Изминатите години Тутунски комбинат значително ја подобри инфраструктурата на производство со реновирање на производниот погон, подигнување на производствените стандарди и производство на нови квалитетни брендови. Во Тутунски комбинат Прилеп се произведуваат брендовите Marlboro Flavour Plus, Chesterfield 7.0, Marlboro Core 7.0 што придонесе за зголемена оперативност.