Тутунари извисија, не им се зема тутунот иако откупот не е завршен
Малите компании прекинале да откупуваат уште во јануари, сега вагите се отворени уште во Прилепски комбинат и „Сокотаб“

БИТОЛА – Тутунари од Пелагонија се жалат дека тутунот им остана непродаден, дека откупувачите веќе не им го земаат, иако откупот законски трае до 28 февруари. Според белешките што ги објавуваат тутунарите, и оној малку тутун што се откупува во последните денови сега се цени во класи, а не како од почетокот на откупот сѐ во една класа. Според тутунарите, дел од откупувачите незаконски го прекинале откупот.
Малите компании прекинале да откупуваат уште во јануари, сега вагите се отворени уште во Прилепски комбинат и „Сокотаб“.
Инаку, заклучно со минатата недела се откупени 24.163 тони тутун од ланската реколта, речиси сиот во прва класа која е 400 денари. Ако на оваа цена се додаде субвенцијата од 100 денари за прва класа тутун, тогаш вкупно тутунарите за еден килограм тутун земаат 500 денари.
Според засегнати производители, родот не го дале на откуп порано бидејќи чекале да се исуши тутунот, да нема влага. Но сега тутунот им се враќа од откупните пунктови.
„Последните три недели откупувачите се повлекоа и потребата за тутун е намалена. Тутун се береше до ноември, на тој тутун му треба време да се исуши. Тие што работат домаќински чекаа да се досуши и да го предадат како што се правело со години наназад. Оние што работат нечесно од нива го спакуваа во пакетите и зелен го предадоа со почетокот на откупот, во прва класа. Нечесните наградени, чесните оштетени!“, вели тутунопроизводител.
Дел од тутунарите велат дека од почеток не е во ред што тутунот се ценел иста класа. И квалитетен тутун и тутунски отпад – исто пари. Така е преземен најголем дел од родот сѐво една класа. За сега на самиот крај на откупот, откупувачите да го откупуваат тутунот по класи.
„Не може ако некој има помалку квалитетен тутун да земе исто пари за иста количина отколку некој кој има поквалитетен тутун. Штета што се укина ценењето по класи. Страдаат професионалните производители. Накрај, воведуваат класи, под изговор дека тутунот е недосушен“, вели тутунар од прилепско.
Од Сојузот на тутунските здруженија изјавија дека – „Законски, откупот завршува на 28 февруари. Има за откуп уште 30 до 40 тони. Откупувачите нагласија дека ќе купуваат сув, а нема да го прифатат влажниот тутун“, вели Кире Ристески претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Министерот Цветан Трипуновски запрашан дали во иднина ќе се смени начинот на ценење на тутунот, да не биде сѐ во една класа, туку според квалитетот, вели дека за новата реколта ќе има промени во постапката за откуп.
„Заседава работна група која јас ја формирав, меѓу откупувачи и Сојузот на земјоделски здруженија, една од темите е и проценка на тутунот, покрај евентуална измена на Законот на тутун. Што значи дека наредната откупна сезона ќе биде многу поразлична и поправична од сега во моментот“, изјави министерот за „Зелена берза“.
Производителите велат дека нема да прифатат цени за килограм тутун ако не се повисоки од годинешните 400 денари за килограм. Бараат стандардизирање на производството на тутун на 20.000 до 22.000 тони, измени во Законот за тутун за забрана на увоз на ароматичен тутун. Сојузот ќе ги разгледа понудите од откупувачите и оваа недела ќе се знае што се ќе донесе новиот договор за идната реколта.
„Нема да прифатиме договори за новата реколта без цените да бидат повисоки од сегашните. Ќе ги разгледаме нивните понуди, ќе им одговориме со нашите предлози и се треба да заврши до четврток. Пред да заврши откупот на тутунот, и законски, на крајот на февруари, откупувачите не смеат да нудат и да склучуваат нови договори со тутунопроизводителите“, изјави Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
Според министерот Трипуновски, субвенциите за тутунарите ќе бидат исплатени веднаш по завршувањето на откупот на тутунот.