Туск, Јункер, Сасоли и Фон дер Лајен бараат преговори за Македонија


Сите највисоки функционери на Европската унија, претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск,на ЕП Давид Сасоли, поранешниот претседател на  Европската комисија Жан Клод Јункер и актуелната претседателка Урсула Фон дер Лајен, денеска излегоа со заедничко барање да им се дадат преговори на Северна Македонија и на Албанија.

-Минатиот јуни се согласивме да донесеме јасна и суштинска одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија најдоцна до октомври 2019 година.

Европската унија е пред стратешкиот избор. Дали ЕУ ќе одлучи сега да ги започне разговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги исполни своите ветувања и да гледа кон иднината.

Нашиот свет трпи брзи промени. Доколку ЕУ треба да ја одржи својата меѓународна улога и да ги заштити своите интереси, преземањето чекор кон интегрирање на оние европски земји кои изразија интерес и ги исполниле барањата за започнување на пристапниот процес ќе помогне да се постигне тоа.

Северна Македонија и Албанија го направија она што побаравме да го направат. За постигнување на тоа се потребни значителни напори од нивните граѓани, за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и решеност.

Нема гаранција за успех. Ќе има многу напорна работа на реформите на престојниот пат. Членството нема да се случи преку ноќ. И двете земји се свесни за тоа. Паралелно, соработката со ЕУ ќе се продлабочи, заедно со проширувањето, во взаемен интерес на европските и на граѓаните во земјите-кандидати.

Веруваме дека сега е време да се отворат разговори за пристап со двете земји, се вели во заедничката изјава.