Туск ја обвини поранешната влада дека користи шпионски софтвер за масовно хакирање


Полскиот премиер Доналд Туск денеска на заедничка средба со неговиот политички противник, полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека поседува документи кои докажуваат дека претходната влада незаконски го користела моќниот шпионски софтвер Пегасус за хакирање голем број луѓе.

Софтверот Пегасус наводно бил користен против политичките противници за време на владеењето на десничарската партија Право и правда со која е поврзан претседателот на државата Анджеј Дуда.

Туск рече дека споделил информации со Дуда кои ја потврдуваат широката употреба на тој агресивен шпионски софтвер во Полска и најавил дека на полскиот претседател ќе му достави целосна документација доколку е заинтересиран.

-Во моментов имам обелоденет документ, но ова е само примерок од документите што ви се на располагање, господине претседателе, му рекол Туск на Дуда на почетокот на состанокот на Советот на Кабинетот, формат за консултации меѓу претседателот на државата и владата, јавија полските медиуми.