Турските актери од „Буре барут“ на „Свети Наум“ : Чувствуваме позитивна енергија
Турските актери, кои во петокот вечерта ја изведоа театарската претстава „Буре Барут“ на „Охридско лето“ , уживаа во посетата на манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“. Со туристичкиот водич на Охридско лето го посетија манастирот и изворите на реката Црн Дрим.
Беа воодушевени од богата историја, но и спојот на духовното, природното и културното богатство на едно свето место.
-„Прв пат сум овде. Навистина прекрасно место. Многу убавина, но се чувствува и многу позтивна енергија. Воодушевена сум од Охридското езеро , големо и убаво како море“, рече актерката Башак Гумулџинелиоглу .
Актерите беа воодушевени, запознавајќи се со легендарните приказни за моќта и чудата на големиот светител Свети Наум Чудотворец, пред чиј гроб клечат и христијани и муслимани.
-„Многу ни се допадна Охрид. Градот, историјата, културата но и гостопримството на љубезните домаќини. Би сакале повторно да дојдеме тука“, рече режисерот Шахинлер.
Голем дел од уметниците на фестивалот „Охридско лето“, годинава за прв пат имаа можност да прошетаат со туристички водич низ Охрид и манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски. Целта е светски познатите музичари и актери да се запознаат со културата, историјата и традицијата на Охрид и со себе да понесат незаборавни спомени.