Турскиот театар во Скопје заличи на модерен објект со ориентални елементи- готови фасадата и кровот
Следната фаза на новата зграда која се наоѓа во населбата Пролет близу Железничката станица - е фазата за внатрешни инсталации
Турскиот театар во Скопје, кој почна да се гради пред осум години, го добива својот лик на модерен објект од стакло и метал, со елементи карактеристични за Ориентот. Следната фаза на новата зграда која се наоѓа во населбата Пролет близу Железничката станица – е фазата за внатрешни инсталации.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во април, годинава, во Скопје, оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Во таа прилика нагласи дека Република Северна Македонија обрнува големо внимание на реализацијата на проекти со кои се унапредува дејствувањето на турската заедница во државава.
„Еден од нив е проектот за изградба на нов Турски театар, со чијашто изведба турската заедница ќе добие театарско здание според светски стандарди. Објектот е веќе изграден до фазата затворена карабина, без фасада. Во таа смисла, на средбата го актуелизиравме прашањето за учеството на турската страна во комплетното завршување на објектот, имајќи го предвид потпишаниот Меморандум“, изјави тогаш министерката за култура.
Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.
Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.
Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.
Актуелна директорка на Турскиот театар е Ајлин Емин-Скоро. (Л.С.)