Турскиот театар ја отвора сезоната со премиера на „Човек перница“


Турскиот театар од Скопје, утре, се враќа пред публиката по паузата поради корона кризата, со премиера на претставата „Човек перница“ . Претставата е работена по наградуваниот текст на ирскиот драматичар Мартин Мекдона, а ја режира Сибел Абдиу.

  • „Човек перница“, е претстава која буквално манипулира со емоциите на публиката, преку трагични и комични дијалози, а се бави со многу длабоки и кревки теми вклучувајќи злоупотреба и насилство врз децата, морална одговорност и политичка критика. Покрај тоа, ова дело е и критичка анализа за слободата на говорот, како и  на злоупотребата на детските трауми како фактор во девијацијата на народите, почнувајќи од микро човечкото општество, односно семејството, вели режисерката, воедно и драматург, Сибел Абдиу.

Улогите ги толкуваат: Хакан Даци, Дин Ибрахим, Бурак Рахман, Јеткин Сезаир, Несрин Таир, Селпин Керим и Фјола Муслиу. Сценографијата е на Ујза Жури, костимографијата е авторство на Диелза Минци, а сценската изведба е на Зекирија Абди.

Претставата ќе се игра на малата сцена на Театар Комедија. Таа е независна продукција на МАШИНА Продакшн, во ко-продукција со ПИК Продукција и Турскиот театар, кој годинава слави 7 децении постоење.