Турскиот парламент даде виза за надгледувањето групи од граѓанското општество


Турскиот Парламент синоќа усвои амандман на законот, со кој ќе се зајакне владиниот надзор врз групите на граѓанското општество, иако организациите за човекови права предупредуваа дека законот ќе ги крши правата на тие групи.

Според законот за „спречување на финансирање на ширење оружје за масовно уништување“, беше додадено дека властите можат да вршат годишен преглед на невладини организации во борбата против финансирањето на тероризмот.

Законот дозволува турското Министерство за внатрешни работи да отстрани членови на невладини организации доколку некој член е под истрага за обвиненија за тероризам. Судот може да го блокира пристапот до социјалните мрежи на тие организации доколку имаат кампањи за донатори преку интернет без претходна дозвола на властите.

Законот беше предложен од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Претходните закони за борба против тероризмот доведоа до апсење на политичари, новинари и активисти на граѓанското општество.

Речиси 680 граѓански групи потпишаа заедничка декларација против законот, велејќи дека со тоа ќе се ограничи нивната можност да соберат средства и да извршуваат активности. Тие наведоа дека законот го крши турскиот Устав, што гарантира слобода на здружување.

Законот треба да важи и за меѓународните групи на граѓанско општество што работат во Турција.