Турскиот актер Чагдаш Чанкаја и неговата сопруга загинаа во разорните земјотреси


Турција- Турскиот актер Чагдаш Чанкаја, кој е најпознат по улогата во телевизиската серија „Основачот: Осман“, и неговата сопруга Зилан Тигрис загинаа во разорните земјотреси во Турција. Тажната вест ја потврди неговата продукциска куќа „Боздаг филм“.

„Многу сме тажни поради загубата на Чагдаш Чанкаја, ценетиот актер од нашата серија ‘Основачот: Осман’, и неговата сопруга, музичарката Зилан Тигрис во катастрофалните земјотреси, кои нè повредија сите нас“, велат од „Боздаг филм“.

Според написите во турските медиуми, нивните тела биле пронајдени под рушевините на деветкатница во станбен комплекс во градот Дијарбекир.

Во разорниот земјотрес што ја погоди Турција загина и актерката Емел Атичи, која го толкуваше ликот на Сермин во серијата „Горка земја“. Актерката загина во Адана, а во земјотресот загина и нејзината ќерка Ханде Пурјан Атичи.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделникот јужните делови на Турција со епицентар во Кахраманмарас, а бројни спасувачки тимови сѐ уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Бројот на загинати во Турција и Сирија по катастрофалните земјотреси во понеделникот достигна најмалку 36.217 жртви.