Турски опозиционер загина при пад на балкон на прославата на изборната победа


Членот на турската опозициска Републиканска народна партија Мехмет Палаз почина денеска во болница откако беше тешко повреден кога се урна балкон од седиштето на партијата во областа Тавас во турската провинција Денизли за време на прославата на победата на партијата на локалните избори.

Палаз, кој се здоби со повреда на главата и беше во животна опасност, беше препратен во Универзитетската болница во Памукале откако прво беше примен во државната болница Тавас, објави Џумхуриет.

Откако во неделата вечерта почнаа да стигнуваат неофицијални резултати, многу членови на партијата се собраа пред зградата на партијата за да ја прослават изборната победа, а поголема група наполни два балкони од зградата во која се наоѓа седиштето на партијата кога еден од нив се урна, при што беа повредени осум членови, од кои три се потешки.

Палаз беше заменик-шеф на партијата за областа Тавас.

Според неофицијалните резултати од локалните избори, во областа Тавас победи кандидатот на Републиканската народна партија за градоначалник Кадир Татик.

Врз основа на резултатите од 99,9 отсто од избирачките места, Републиканската народна партија победи во 35 градови на локалните избори, додека владејачката Партија на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган победи во 24 градови.