Турски Казанчи холдинг ќе гради когенеративни централи, топлинска и гасоводна мрежа, граѓаните нема да плаќаат за приклучок


Турската групација „Казанчи холдинг“ е заинтересирана да изгради когенеративни гасни централи во Македонија кои покрај производство на електрична енергија ќе произведуваат и топлинска енергија со која би се загревале домаќинствата во нашата земја. Ова денес на прес конференција по средбата со претставници на „Казанчи холдинг“ го соопшти премиерот Христијан Мицкоски заедно со Џемил Казанчи, при што беше посочено дека заедно со централите се предвидува и изградба на секундарна гасоводна и топлинска мрежа, како и дека домаќинствата нема да имаат никакви трошоци за приклучување. Целата инвестиција е во вредност од една милијарда долари, или речиси една милијарда евра.

Засега, како што објасни премиерот, се разгледуваат две опции, инвестицијата во целост да ја спроведе турската компанија, а другата опција е државата да влезе во јавно приватно партнерство, што ќе се одлучи наскоро, по разгледувањето на законските и уставните можности.

„Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво“, рече на прес конференцијата премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека кога станува збор за решавање на проблемот со загадување на воздухот и досега зборувал дека разговара со инвеститори кои се заинтересирани за градење на когенеративни гасни централи кои всушност се единственото трајно решение за загадениот воздух и дека се друго би значело ставање на проблемот под тепих.

„Токму Казанчи холдинг е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите“, нагласи Мицкоски.

Премиерот рече дека целиот проект, изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра.

„Оваа инвестиција не е важна само за трајно решавање на проблемот со загадување на воздухот кој е еден од главните проблеми на граѓаните за кој што сум високо свесен и за кој што ќе ве излажам ако ви кажам дека има брзи решенија, туку и за енергетскиот потенцијал на државата. Инвестициите во ова поле се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење на политика“. рече Мицкоски.

Тој објасни дека разговорите продолжуваат, но е сигурен дека за брзо време ќе се постигне договор и ќе има конкретни чекори во реализација на плановите на турската групација.

Инаку, групацијата „Казанчи холдинг“ дејствува преку своите енергетски компании што работат под брендот „АКСА“, и преставува еден од најголемите енергетски гиганти во својата област.

Претставувајќи ја компанијата, Мицкоски рече дека со повеќе од 25 години искуство, „АКСА Енерџи“ е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500MW во 8 земји. Додека мнозинскиот сопственик на „АКСА Енерџи“, „Казанчи Холдинг“ работи во 22 земји на четири континенти.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека компанијата струјата ќе ја нуди на слободниот пазар, додека цената на топлинската енергија ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Во однос на изворите на гас, Мицкоски рече дека се очекува во март да биде потпишан договорот за отпочнување на изградбата на конекторот на гас со Грција, но и дека и постојниот гасовод од Бугарија може во целост да ги задоволи потребите за гас на овој проект.

Како што кажа, тендерската процедура за гасното поврзување со Грција е завршена, избрана е компанија која што понуди најниска цена и имала најдобра понуда, како и дека има зелено светлоод институциите што го финансираат проектот – ЕИБ и ЕБРД. 

„Очекувам и од тука да влеземе со уште една можност и конечно јужниот интерконектор да биде функционален и оперативен, а тоа се околу 3 милијарди метри кубни гас годишно. Исто така, северниот интерконетор е дел од проектите кои што ќе бидат финансирани во Планот за раст кој што беше донесен од страна на Европската унија“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека како дел од тој план, за Македонија има 750 милиони евра, од кои 350-400 милиони се за проекти, додека другите се за ликвидност на буџетот.

Џемил Казанчи, претставник на „Казанчи Холдинг“ на прес-конференцијата рече дека на средбата имало дискусии за брзо решение на капацитет како Акса групација за инвестиција во произвидство на електрична и топлинска енергија како и гасоводот за решавање на енергетските проблеми во земјата. 

-Вкупната инвестиција која планиравме да ја реализираме во текот на годините е, ќе биде приблично една милијарда евра и ќе и олесни на земјата да има посигурно и поодржливо обезбедување електрична и топлинска енергија и производство на струја што ќе биде корисно за луѓето на Македонија, рече Казанчи.

 

Повеќе на истата тема: 

Која е Казанчи холдинг, групацијата која сака да инвестира милијарда евра во енергетиката – Независен Весник