Турски „Јилдирим груп“ преку холандска компанија го купува „Фени“
За конечната реализација на трансакцијата потребно е да се исполнат одредени законски и регулаторни барања, соопшти Комерцијална банка
Турската компанија „Јилдирим груп“, преку нејзината холандска компанија „Полиникел холдинг“ ќе биде нов сопственик на „Еуроникел“, поранешен „Фени“.
За ваквата разврска на домашниот голем индустриски капацитет, преку соопштение до Македонската берза, извести Комерцијална банка, која е сопственик на имотот на комбинатот. Вредноста на зделката е 40 милиони евра. Од банката посочија дека за завршување на постапката треба да се исполнат и законски и регулаторни барања.
Во соопштението до Берзата се вели:
„Согласно член 158 од Законот за хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на 22.03.2024 година Банката склучи Договори за продажба на имот стекнат врз основа на ненаплатени побарувања од ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с.ВОЗАРЦИ КАВАДАРЦИ, НОВА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ КАВАДАРЦИ за износ од ЕУР 31.300.000 и НОВА РЕФРАКТОРИ ДОО ПЕХЧЕВО за износ од ЕУР 8.700.000 без даноци и давачки, со друштва основани од холандската холдинг компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијaта Yildirim Group. За конечната реализација на трансакцијата потребно е да се исполнат одредени законски и регулаторни барања.
Веста за „Фени“ ја сподели и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој на Фејсбук напиша дека Општина Кавадарци и Комерцијална банка се среќни што оваа фабрика за производство на фероникел, по завршување на законските регулативи, ќе започне со производство и ќе ги повлече на работа сите вработени кои беа дел од фабриката, но и сите компании кои се директни добавувачи на фабриката.
„Општина Кавадарци со Градоначалникот Митко Јанчев и Комерцијална банка АД Скопје ќе се залагаат според сите правни и законски можности, заедно со стечајнииот управник, преку стечајната постапка на Еуроникел Индустри, да се обештетат вработените и сите останати доверители“, порача Јанчев.
Инаку, за преговорите меѓу Комерцијална банка и турската групација, Независен пишуваше уште во декември минатата година, кога пренесе текст од медиумите во Турција дека решението на повидок.
Во текстот беше наведено ова:
Една од најзначајните рударски холдинг компании во Турција, „Јилдирим“ (Yıldırım) последнава година во странство вложи значајни инвестиции на полето на рударството, купува и инвестира во фирми од областа на рударството. За инвестициите на холдингот „Јилдирим“ весникот „Dünya“ (Свет) пишуваше дека во декември 2021 година ја купи најголемата албанската фирма „Aлбкром“.
Како што пишува весникот, овој пат овој холдинг сака да ја купи најзначајната фирма за никел „Еуроникел“ од Македонија.
„Јилдирим“ до пред две години работеше во седум земји во областа на рударството, при што работеше врз експлоатацијата на злато, хром и никел. Овој холдинг во рамките на заложбите да ги развие своите бизнис планови ја вклучи и Европа, се наведува во написот.
„Јилдирим холдинг“ сака да прерасне во уште поголем гигант вложувајќи во земјите на поранешниот источен блок.
За потсетување, Комерцијална банка кон крајот на минатата година се стекна со сопственост врз металуршкиот комбинат „Еуроникел“, поранешен „Фени“, каде што банката беше главен доверител. Информацијата беше соопштена преку Македонската берза, при што наведе дека во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ‘Еуроникел индустри’ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра.
Од синдикалната организација на комбинатот тогаш посочија дека очекуваат изнаоѓање на инвеститор за понатамошна работа. Од таму исто така наведоа дека токму банката ги известила дека изминатиов период остварила контакти со неколку потенцијални инвеститори, но со оглед дека на јавните лицитации не се јавил друг заинтересиран купувач, врз основа на одлука од надзорниот одбор, банката се јавила како купувач и се стекнала со сопственост врз недвижниот имот и опремата.
„,Еуроникел индустри“ подолго време се соочуваше со тешкотии во работењето, а синдикатот неколку пати со протести и блокади на патишта го изрази својот револт, барајќи што побрзо да се изнајде нов инвеститор и да се реши судбината на околу 800 вработени и плус соработници на гигантот кој е важен за кавадаречката и македонската економија.
„Еуроникел“ беше купена во 2019 година од страна на ГСОЛ, Global Special Opportunities Ltd. (GSOL).
„Јилдирим груп“ е основана како градежна компанија во 1963 година, а денес работи во повеќе сектори, како метали, рударство, хемиска индустрија, пристаништа, градежништво, производство на електрична енергија и е присутна во 56 земји на пет континенти со повеќе од 25.000 вработени ширум светот.
На истата тема: