Турски „Балканлар пластик“ почна со изградба на фабрика во Бунарџик


Турската компанија „Балканлар пластик“ за производство на амбалажа-лиена пластика, денеска почна со изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1, каде планира да инвестира 7,5 милиони евра и да отвори на почетокот 80, а подоцна 306 работни места.

Ерен Чалишир од „Балканлар“  истакна дека одлучиле да вложат во земјава, а со поддршка на Владата им било овозможено во многу краток рок да ги направат подготовките за старт на инвестицијата.

-Со вложувањето во земјава планираме да придонесеме за нови вработувања. Очекуваме инвестицијата да биде успешна и ќе дадеме сѐ од наша страна да се оствари овој проект, рече Чалишир.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека ова е една од 30-те фабрики што се градат во државата. Турција е еден од најголемите партнери на нашата држава, лани имаше директни инвестиции од 36,2 милиони евра, а во првиот квартал 16,3 милиони евра што покажува тенденција на раст и очекуваме до крај на годината ланската бројка да биде надмината.

Почетната инвестицијата е 7,5 милиони евра со планирани 306 вработувања во повеќе фази.

Анѓушев посочи дека како Влада ќе направат сѐ што е во нивна моќ да ги поддржат сите домашни и странски инвеститори.

Според премиерот Заев, секое отворање нова фабрика е радост за сите бидејќи тоа креира работни места, го зголемува БДП на државата, а учествува и во извозните компоненти, што значи зајакнување на економскиот стандард на граѓаните.

-Новите фабрики се радост за сите заради тоа што тие потврдуваат неколку вредности, а тоа е дека е сигурно и стабилно, дека е прогресивно и перспективно и дека практично е возможно да се решат сите прашања и предуслови за отворање фабрика, истакна Заев.

Тој потенцира дека инвестицијата доаѓа од еден од најголемите, ако не и најголемиот наш пријател.

-Турските инвеститори се едни од најприсутните во нашата земја,  рече премиерот порачувајќи им да се чувствуваат како дома, а се заблагодари и за неодамнешната ратификација на Протоколот за НАТО во Собранието на Турција.

Соопшти дека странските инвестиции оваа година растат со одлично темпо, а економскиот стандард се зголемува.

– Дефинитивно сме земја која е променета, која нуди просперитет и обезбедува одличен профит за инвеститорите, а за нас нови работни места, рече Заев.