Турската опозиција се подели пред изборите
Лидерите на опозицијата се согласија шефот на главната опозиција, ЦХП, да биде претседателски кандидат. Мерал Акшенар е против тоа
Лидерката на турската Добра партија, Мерал Акшенер, го изрази своето несогласување со кандидатурата на водачот на Републиканската народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, за претседателски кандидат, при што нејзиниот потег сигнализира раскол на опозицискиот сојуз.
Акшенар, која е начело на партијата со десничарска идеологија, во своите изјави рече дека опозицискиот сојуз повеќе не ја одразува националната волја. Нејзината партија во анкетите има поддршка од просечно 12 отсто.
Како што истакна, градоначалниците на Истанбул и на Анкара (и двајцата членови на ЦХП), кои беа предложени за кандидати од нејзината партија, не беа прифатени од другите пет партии од алијансата, кои се договорија за кандидатурата на Киличдароглу. Екрем Имамоглу (Истанбул) и Мансур Јаваш (Анкара) во анкетите беа оценетидека можат да се претстават подобро од Киличдароглу против Ердоган.
Од своја страна, Киличдароглу ги минимизираше несогласувањата што се појавија во опозицискиот сојуз, нагласувајќи во својата изјава: „Не грижете се, сите камења ќе си дојдат на свое место“.
Во исто време, владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се чини дека по разорниот земјотрес од минатиот месец, во голема мера ја задржа поддршката на електоратот пред изборите во мај, рекоа денеска анкетари, и покрај широките критики за неговиот првичен одговор на катастрофата.
Две анкети оваа недела покажаа дека опозицијата нема нова поддршка, делумно поради досега неуспехот да именува кандидат на само два месеци до изборите, а делумно поради недостатокот на опиплив план за реконструкција на областите уништени од земјотресот.
„Земјотресот не ја ослабе владата колку што очекуваше опозицијата“, изјави за Ројтерс претседателот на „Метропол“, Езер Сењар.
Податоците од анкетите од неговата фирма покажуваат дека коалицијата на Ердоган со Партијата за националистичка акција (МХП) е во водство во случај на претстојни избори, иако изгуби неколку процентни поени поддршка во споредба со јануари.
Повеќе од 45.000 луѓе загинаа во Турција, а повеќе од еден милион останаа без покрив над главата по големиот земјотрес што го погоди нејзиниот југоисток на 6 февруари – најголемата катастрофа во модерната историја на земјата.
Ердоган во средата рече дека изборите ќе се одржат на 14 мај, држејќи се до неговиот претходен план за изборите и покрај прашањата што се поставуваат за тоа дали е можно да се одржат во зоната погодена од земјотресот.
Во непосредните последици од катастрофата доминираа извештаите дека владините тимови за пребарување и спасување не успеале да одговорат на катастрофата и биле претерано одложени. Други го критикуваа слабото спроведување на стандардите за безбедност на зградите од страна на владата, што, според нив, предизвикало уривање дури и на новоизградените домови.
Ердоган јавно ги призна проблемите во првите неколку дена, но оттогаш го бранеше одговорот на неговата влада. Тој веднаш вети дека ќе ги обнови домовите, ветување што веројатно ќе му помогне да ја задржи поддршката што ја имаше меѓу гласачкото тело, рече Али Кулат, претседател на анкетната фирма МАК.
„Кога луѓето поминуваат низ ваква катастрофа, неколку дена гледаме психолошки реакции и тие одат кон владата. Откако ќе поминат 15-20 дена, тие остануваат блиску до секој што ќе им вети дека ќе ја обнови нивната урната куќа или канцеларија. Тоа е предност за владата“, истакна Кулат.
Во анкетите спроведени по земјотресот, поддршката за коалицијата на Ердоган со националистичката партија МХП беше околу 40-41 отсто, додаде Кулат, без да даде споредбени бројки.
Друга анкета спроведена од Istanbul Economics Research помеѓу 16 и 20 февруари на примерок од 2.000 учесници покажа благ пораст од 0,1 процентен поен од јануари за коалицијата на Ердоган.
Во оваа анкета, 34% од испитаниците исто така рекоа дека градежните изведувачи се најодговорни за штетите од земјотресот, додека 28% ја обвинија владата.
Огромното мнозинство гласачи на АКП ги обвинуваат изведувачите за катастрофата, што е една од причините поради која е ограничена загубата на поддршката во владејачката партија, истакна Сењар.
Галопирачката инфлација и зголемената сиромаштија ја поткопаа популарноста на Ердоган минатата година, но тој оттогаш успеа да добие одредена поддршка со најава за зголемување на минималната плата и мерки за олеснување на предвременото пензионирање.
„По првото збунетост, видовме дека владата се појави со пообединувачки јазик“, рече Незих Онур Куру, истражувач во истражната група ТИМ. „Владата успешно создаде перцепција дека тоа е она што помага да се залечат раните“, истакна тој.
Се чини дека ова му помогна на Ердоган во анкетите. Неговата коалиција со националистичката МХП го задржа нивото на поддршка на 44 отсто по земјотресот, според анкетата на TИМ од 1.930 испитаници на 19-20 февруари. (Според агенциите)