Турската морнарица го доби најголемиот воен брод досега


Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска ќе присуствува на церемонијата на примопредавање на најголемиот турски воен брод TCG Anadolu, кој од денеска ќе ѝ биде достапен на морнарицата на оваа земја.

Овој брод ќе биде и првиот воен брод на кој ќе може да слетаат беспилотни летала.

TCG Anadolu има капацитет да префрли сили од најмалку еден баталјон во Егејското, Средоземното Море и Црното Море без потреба од домашна поддршка.

Меѓу другото, бродот ќе има систем за оружје, систем за електронско војување, инфрацрвен систем за пребарување и следење, систем за ласерско предупредување и систем за одбрана од торпеда. Сите системи се развиваат преку домашно производство.

Покрај беспилотните летала Bayraktar, турските власти објавија дека во тек се тестовите за слетување и полетување на дронот Kizilelma, како и на моќниот јуришен авион Hurjet развиен од турската компанија Aerospace Industries.

Кога станува збор за големината на воениот брод, медиумите пренесуваат дека бродот е долг 231 метар и широк 32 метри.

„Воениот брод може да носи 94 возила, вклучувајќи 13 тенкови, 27 оклопни јуришни амфибиски возила, шест оклопни транспортери и 15 приколки. Ќе има вкупно 1.223 членови на екипажот, бродот ќе има и опремена болничка установа со две операциони сали“, објаснуваат турските медиуми.