Турска опозиција: Ердоган потроши милиони долари за веб-страница на општина Истанбул

Турција – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган потрошил 80 милиони турски лири (13 милиони американски долари) за веб-страницата на Истанбулската општина за период од три години, тврди Екрем Имамоглу, кој не ја презеде функцијата градоначалник на Истанбул по одлуката на турските власти да ги поништат изборите од 31 март.

Кандидатот на опозицијата Имамоглу победи на изборите на крајот од март, со мала предност пред кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) Бинали Јилдирим, но Изборната комисија донесе решение да го поништи гласањето, наведувајќи неправилности.

– За веб-страницата на општина Истанбул за три години се потрошени 80 милиони лири. Со тие пари можеме да направиме страници за сите турски општини, рече на прес-конференција Имамоглу.

Имамоглу вчера ја почна предизборната кампања за повторените локални избори во Истанбул, закажани за 23 јуни.