Турнејата на Османи за пасошите го симна Тошковски од насловите

Од Социјалистуичката партија ја нарекоа „плагијат кампања“ посетата на Османи на дипломатските преставништва низ Европа како целта да е пи-ар, а не издавањето пасоши


Шефот на дипломатијата Бујар Османи продолжува со посетите на македонските конзулати ширум Европа, со што ги стави во втор план работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има криза во издавањето на патните документи на иселениците.

Откако доцна синоќа објави дека ја го посетил Генералниот конзулат во Венеција каде направил  дополнителна реорганизација на работата, денес е веќе во Виена за да ја провери лично состојбата. Како што соопштија од МНР, од сега, Генералниот конзулат во Венеција, ќе работи во две смени, како и во сабота и недела, а ова работно време ќе трае се до нормализирање на ситуацијата и намалување на барањата на нашите државјани за конзуларни услуги. Мобилната станица, која се користи во Конзулатот во Венеција, како што се посочува, согласно однапред утврден распоред се користи и во Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим и во Малта. Османи побарал од дипломатите во претставништво да вложат повеќе напори, со цел да се скрати времето на чекање при поднесување на барање и подигнување на патните исправи. Изутринава пак, Османи беше во Виена.

„Добро утро од Виена, Австрија. Денеска ја посетив нашата амбасада во Виена како дел од инспекцијата и реорганизацијата на нашите конзуларни претставништва за да им служи на растечките потреби на нашите граѓани во странство“, напиша Османи. Досега тој  ги посети дипломатско-конзуларните претставништва во Минхен, Бон и Берн

„Ќе треба да смениме нешто, доста луѓе сте, а ми кажуваат дека термините се до октомври и натаму. Некако да направиме на две смени, да ја донесеме станицата. Што ќе прават до октомври, како ќе се вратат? Затоа, да ги видиме малку списоците. Јас мислев да пратам инспекција во сите ДКП-а, ама решив лично да дојдам. Да видиме колку на ден (се фотографираат-н.з.), што треба да направиме, нема логика да чекаат до октомври, ќе ги заглавиме луѓето овде“, рече Османи во разговор со вработените во македонскиот конзулат во Венеција.

Министерот на вработените во конзулатот им посочи дека вонредната ситуација бара и вонредно работење, со удвоени капацитети.

„Оваа криза нема да трае две години. Ова е еден месец – два месеца. Ова е вонредна ситуација. И сега треба да се организираме и вонредно да работиме. Затоа во недела доаѓам, за да видам дека и во недела се работи. Ние ќе треба тука да се организираме, да се дуплира бројот на оние што се сликаат“, порача Османи.

Во Бон и во Берн работат два пункта и два тима фотографираат. Според Османи, олеснителна околност е и одлуката на Швајцарија да им дозволи на  македонските граѓани да патуваат и со стари патни исправи.

„Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација, поради роковите што произлегуваат од политичките договори. Меѓутоа, потсетувам дека и со одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи, ги олесни нашите услуги кон државјаните“, рече Османи. Такви искуства имале македонски државјани и во други земји, објасни министерот при посетата на конзулатот во Минхен, но порача дека е најбезбедно тие што поскоро да си обезбедат нови патни исправи. На оние кои со патен лист ќе дојдат во РСМ, им предочи дека тоа треба да го направат само ако претходно си обезбедиле сигурен термин за фотографирање.

Над 300  пасоши на граѓани  кои се фотографирале од 23-ти до 26-ти јануари, преку МНР минатата недела веќе стигнале во Минхен. Според Османи тоа значи дека рокот на чекање значително е скратен, за разлика од пред неколку месеци кога било проценето дека во просек се чека од 6 до 9 месеци од денот на фотографирањето до денот на  издавањето на патната исправа.

Поволни податоци шефот на дипломатијата слушна и во Берн. Македонски граѓанин од Арачиново кој штотуку ја доби новата патна исправа кажа дека се фотографирал во декември.

„Од декември досега реално не сте чекале долго. Во Скопје чекаат уште повеќе“, рече Османи.Во конзулатот во Венеција, според присутните соговорници на Османи, за нова патна исправа се чекало 15 дена.

Место да ја поздрават ваквата ангажираност на Османи низ дипломатската мрежа, бидејќи дава резултати, од опозицијата почнаа со омаловажувања. Такам, од Социјалистичката партија ја поздравија „преквалификацијата на Бујар Османи од министер во фотограф во базни станици“ со порака дека ја цени за „посоодветна на неговите капацитети“.

„Во неинвентивната и плагијат кампања од Бујар, Тошковски не бива”, порачаа од оваа партија. Според нив, со најавата на можноста за патување со старите пасоши во одредени држави Османи се демантира самиот себеси дека за пасошите ништо не може да се смени“, тврдат од оваа партија.