Туризмот во земјава со постојан раст, лани меѓу првите 10 во светот со зголемен девизен прилив

Зголемен интерес кај домашните и странските туристи има и за руралниот туризам, ено-гастро концептот, еко туризмот и авантуристичките форми на туристичката понуда


Фото: Б. Грданоски

Последните две години го рангираа македонскиот туристички сектор на многу високи места според Светската туристичка организација. Во 2019 година земјава со раст од повеќе од 25 проценти на бројот на ноќевањата беше втора во Европа, во 2021 година и покрај пандемијата бевме петти во светот според растот на странските туристи, а во 2022 година во првите 10 според девизниот прилив и туристичкиот промет во туристичката индустрија.

-Тековната 2023 година го покажа своето дијаметрално различно лице во туризмот, односни имаме пазари во кои бевме во минус и се уште сме во минус поради субјективни и објективни причини и пазари кои дадоа дополнителен скок и веќе се надминати резултатите од 2019 година. Сега по многу нешта 2019 година веќе не е референтна во туристичката индустрија, бидејќи туристичките текови и случувањата во туризмот веќе ги надминуваат очекувањата на најоптимистичките стручњаци и експерти на ова поле, порачува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

АППТ  според стратешкото планирање за годинава очекува да има девизен прилив од туризмот во износ од 530 милиони долари.

-Со првиот квартал од годинава во споредба со 2019 година имаме раст од 41 процент, а во споредба  со 2022 година која е рекордна во македонскиот туристички сектор по туристичкиот промет од 481 милион долари веќе во првиот квартал од 2023 година има промет од 94 милиони долари или 19 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Очекувам, и веќе според состојбите на теренот и соработката со туристичките работници, коморите, советот на Агенцијата за туризам, плановите и исполнетоста на капацитетите од над 90 до 95 проценти во нашите туристички места, сум сигурен дека ќе имаат подем и поголем развој двата најголеми туристички региони – Охридскиот и Скопскиот регион како туристички и бизнис центар во текот на 12 месеци, вели Јаневски.

Поголем престој на странски туристи се повеќе и повеќе, како што кажа, може да се види и во останатите региони во земјава.

-Зголемен интерес кај домашните и странските туристи има и за руралниот туризам, ено-гастро концептот, еко туризмот, авантуристичките форми на туристичката понуда, па може во 2023 година да се пофалиме за успесите на Крушево, Охрид, Струга, Дојран, Битола, односно градови кои се повеќе се фокусираат во туризмот. Многу брзо според мене туризмот ќе биде над 5 проценти во домашниот БДП, зашто во овој момент туристичко-угостителската индустрија во Македонија во текот на целата година вработува повеќе од 35 000 луѓе што претставува 5 проценти од вкупниот број на вработени. Според Светската туристичка организација и светските текови многу брзо очекувам земјава да надмине над 5, 6, па и 7 проценти во БДП од туризмот, а тоа може да се оствари само со континуирана работа на сите чинители во туристичката индустрија, но и со многу, многу посериозен пристап од страна на централната и локалната власт кога е туризмот во прашање, истакна Јаневски.

Проблемите со лошата патна инфраструктура се амортизираат со зголемен број авионски линии

Директорот на АППТ посочува дека проблемите со лошата патна инфраструктура туристичкиот сектор во земјава ги решава со зголемен број на авионски линии.

-Лошата патна инфраструктура ги намалува бројот на туристи и посети на земјава, но тоа што не можеме во овој момент да го поправиме, можеме да го подобриме на друг начин и токму затоа имаме директни авионски линии. Во текот на 2023 година АППТ е фокусирана на нови авионски линии. Од ноември повторно три пати неделно ќе ја имаме линијата со Љубљана, во октомври два пати неделно ќе има линија за Сараево, според мене во текот на цела година траба да продолжи линијата Белград-Охрид зашто имаше добра исполнетост во текот на годинава. Ќе се фокусираме и на зголемување на други линии и отворање на нови пазари зашто многу пазари кои во минатото немале добри резултати сега се со пораст од 30, 40 и 50 проценти, а тоа е резултат  на работата на туристичката индустрија, оценува Јаневски.  

Фокусираноста на одредени примарни и секундарни пазари во туризмот дава резултат

-Во 2023 година АППТ се бореше во два сегмента – да го намали падот на домашните туристи после пандемијата, но и во сегментот што имаме се поголем број странски туристи, а имаме помал број на туристички капацитети. Предвидовме падот кај домашните туристи да биде помеѓу 5 и 7 проценти, а успеавме во првите шест месеци да биде само 1,2 проценти, додека растот на странските туристи е помеѓу 30 и 40 проценти во глобала. Сепак, доколку ги гледам резултатите кои ги очекуваме во текот на годинава на Македонија и тоа како и се потребни нови инвестиции во хотелиерството во сместувачките капацитети во светски брендови и во отпочнување на постапките за категоризација на автокамповите во државата, подобрување на условите за престој во нив и воведување на нови европски практики во оваа индустрија, посочува Јаневски.

Најави дека во наредниот период земјава ќе треба да се фокусира кон создавање на нови атракции во туристичката индустрија, зајакнување  и задржување  на човечките ресурси и нивна дообука и дополнување со нови вештини кои се бараат на пазарот.

-Во туристичката индустрија просечната плата расте во континуитет, но не велам дека е доволна. Ако во 2018 година изнесуваше 18.700 денари, во 2022 година 26.500 денари, а годинава е далеку поголема од просечната плата во државата која изнесува 36.500 денари. Тоа значи дека секторот мора да продолжи понатаму со поголемата продуктивност и луѓето да разберат дека нивната иднина може да ја креираат токму овде во нашата држава, рече Јаневски.

Во изминатите години, додаде, доволно беше девалвирана туристичката струка и изрази надеж дека со истрајна работа ќе се создаде туристички сектор, од кој, како што кажа, сите ќе се гордееме.

-Патот не е лесен, но е вистинскиот за да можеме да создадеме туристички сектор кој ќе биде доволно одржлив. Ние сите да ги фалиме нашите природни убавини, а не да ги кудиме. Сметам дека добриот збор отвора железни врати, а некогаш добрата репортажа за државата ќе овозможи поголем број на туристи, истакна Јаневски.

АППТ почнува со ребрендирање на македонската туристичка дестинација

АППТ, како што најави Јанески, годинава започна со ребрендирање на дестинацијата. Тој  најави дека следната 2024 година ќе биде запаметена по неколку проекти, кои, како што вели, ќе дадат траен печат во туризмот и ќе овозможат развој на руралниот туризам, ено-гастро концептот, се поголема вклученост на АППТ во меѓуграничните проекти, национална туристичка кампања насекаде во светот и остварување на 3,5 и 3,7 милиони ноќевања во 2024 и 2025 година.

-Ако во 2011 година учеството на туризмот во домашниот БДП беше 0,4 проценти, во 2022 година е 3,6 проценти. Туризмот е економска гранка на која треба да и се даде уште поголемо  внимание во македонската економија и според мене во наредните 10 години може да биде мотор и стабилен фактор за зголемување на бројот на работните места, отворање на нови зелени работни места, зголемување на локалниот економски развој, односно да бидеме дестинација која ќе докаже дека и без море можеме да бидеме земја со раст и самоодржливост во туризмот. За тоа, се потребни инвестиции и развоен план  кој ќе овозможи Македонија да биде следното чудо на Балканот за туризмот и за туристичката  индустрија, посочува Јаневски.  

За годинава најмногу ноќевања, околу 200 илјади, како што вели, се планира да се остварат од туристите од Турција. Најмногу туристи во земјава доаѓаат од Турција, Србија, Грција, Германија и Бугарија. Токму кај туриститите од Бугарија има пад од 60 проценти што се должи на моменталните политички односи и попречувањето на нашите евроинтеграциски процеси. Најголем дел од туристите учествуваат во таканаречените кружни тури во земјите од регионов. Јаневски препорачува олеснување на визниот режим со Кина од каде во 2024 година очекува земјава д аја посетат 35 до 40 илјади туристи токму во кружните тури и да остварат 100.000 ноќевања. За повеќе туристи од Кина, како што вели во моментов немаме капацитети.

Најголем раст на бројот на туристи годинава има Скопскиот регион со 16 отсто, а најголем пад од 6 отсто има Охридскиот.

Како што кажа, со исполнетост на капацитетите од 40 отсто преку цела година хотелиерите можат преку цела година да ги задржат вработените во хотелиерството. Во 2024 година се планира во туристичкиот сектор да работат околу 45.000 вработени од кои пет до седум илјади да бидат вработени преку целата година.

Препорака да се насочиме кон модерен ретро селски туризам 

-Бројките за првите шест месеци од годинава се оптимистички и значат опоравување на туристичката индустрија во државава. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во првите шест месеци од годинава, во однос на претходната, бројот на туристи е зголемен за 30,1 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 2,8, а кај странските за 46,8 отсто, прецизира Јаневски.

Во првите шест месеци од годинава, се бележи зголемување на бројот на ноќевања за 18,8 отсто во однос на истиот период лани, при што кај домашните туристи има намалување за 1,2 отсто, а кај странските зголемување за 32,9 отсто.

Развојот, како што истакна,  ќе биде насочен, како кон зголемување за бројот на туристи и развојот на нови продукти, така и кон нови туристички капацитети. Препорачува да се насочиме кон модерен ретро селски туризам и сите кои имаат можност вторите катови од своите домови да ги претворат сместувачки капацитети.

-Предизвиците на туризмот значат мотивација за постигнување позитивни резултати кои не можат да се постигнат без заедничка работа на сите работници во туристичката индустрија. Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ  – БДП каде што во 2011 година изнесувал 0,4 отсто, во 2018 година е 2,4 отсто, додека во 2022 година изнесува 3,6 отсто, достигнувајќи 481 милион долари. Доколку ги споредиме првите квартали на приливот од туризмот, во последните пет години, и покрај пандемијата која започна во 2020 година, нема забележано пад, што не може да се случи, доколку изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ, вели Јаневски.

За првпат годинава, посочи, во првиот квартал туризмот во  македонската економија влеал 93 милиони долари, што е за 19 отсто повеќе од истиот период од минатата година, односно за 41 отсто повеќе од 2019 година.

-Тоа со право не охрабрува да констатираме дека сме на вистински пат да ги зацртаме целите и да продолжиме кон целта, за да можеме да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со над 3,7 милиони ноќевања, вели Јаневски.

Во јануари годинава во земјава имало 55.266 туристи кои оствариле 109.733 ноќевања, што протставува зголемување за 12,7 отсто на бројот на туристи во споредба со ланскиот јануари, додека број

Ќе се менува фокусот во туристичките сегмени

Главниот фокус на АППТ во наредниот период ќе се насочи кон културен туризам, еко–туризам, рурален туризам, како и ено–гастро туризмот, нудејќи ја македонската кујна позната по нејзината разновидност и автентичност. 

-Реархитектурирањето на македонскиот туристички сектор мора да се случи во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4 отсто од БДП, како и повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност, посочува Јаневски.

Македонските туристички потенцијали, како што квели, ќе се промовираат на примарните и секундарни пазари за 2024 година, односно Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Словенија, Хрватска, Турција, Полска, Романија, Словачка, Велика Британија и Италија.  Овие пазари во последните пет години се помеѓу првите 10 земји по број на туристи и остварени ноќевања. 

-Медиумската кампања ќе биде интегрирана  со интернационалните саемски преставувања заедно со туристичкиот сектор  на светските  саеми за туризам во Мадрид, Истанбул, Белград, Берлин, Загреб, Тирана, Букурешт, Милано, Римини, Сингапур, Њујорк, Лондон, Варшава, Измир и овозможување на поголем број B2B средби, презентации  и видливост на земјава на светската туристичка мапа, довршување на националното туристичко брендирање, националната туристичка кампања во светски рамки како и продолжување на досегашните одлични практики во дигиталното промовирање од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, прецизира Јаневски. 

Воедно, како што вели, предвидено е отпочнување на туристичко брендирање на градовите во соработка со локалната самоуправа односно Скопје – градот на солидарноста е предвиден за програмата во 2024 кој ќе ги покаже ефектите и правецот за понатамошното делување на ова поле. Силен фокус ќе биде даден и на инфлуенсерите, блогерите и медиумите преку реализација на информативни патувања откривајки ја последната неоткриена туристичка дестинација за голем број на слободни патувачи.