Туризмот има потенцијал, потребна е системска поддршка


Туристичко – угостителската комора (ТУК) и  Националната Асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) одржаа прес конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) со фокус на екологија и туризам, нелојалната конкуренција во секторот како и за претстојната македонска туристичка берза.

Владимир Граматиков, претседател на ТУК зборувајќи за екологијата и туризмот, истакна дека  потребна е стратешка акција на сите чинители во општеството за да се подобри сликата за екологијата во земјава.
„Главна тема посебно актуелна период е загадување на воздухот, а актуелна текот пак во текот на цела година е  отпадот кој буквално го има насекаде, како во централните градски подрачја, така и во приградски средини, рурални и планински места.  Екологијата е огромен непријател, а треба да биде  пријател број еден на туризмот. Кога се работи за туризмот, тоа не е дозволиво. Нашето барање е сите ресорни институции, да преземат сериозни чекори кон подобрување на оваа ситуација. Бараме иницирање на кампања за подигнување на еколошката свест кај граѓаните и тоа: за фрлање на отпадоци онаму каде што им  е местото, собирање на изметот од милениците, чување на урбаната опрема и санкцонирање на вандализмот“, изјави Граматиков и додаде дека Министерството за животна средина, комуналните претпријатија, локалните власти, треба да организираат долгорочни кампањи кои ќе имаат реален ефект, понатаму да се воведат и инспекции, за да се казни несоодветно постапување.
Претседателот на НАИТМ, Влатко Сулев, ја најави претстојната Македонската туристичка берза, (12-13 декември 2019) модел кој се применува во развиените држави како можност сите чинители да се соберат на едно место, да разменат идеи и да се информираат за новитетите во индустријата.
„ Настанот на годината во областа на туризмот, единствен од овој тип во регионот е четвртата туристичка берза и третата конференција кои се организирани по светски пример, за вмрежување и обединување на дојдовниот туризам. Ќе присуствуваат светски имиња во туризмот, кои верувам дека ќе споделат искуства кои ќе можеме да ги примениме и во земјата. Имплементирање на светските трендови во областа на туризмот, значи да се биде во чекор со привлекување на што поголем број туристи.  На берзата ќе учествуваат претставници на туристички агенции, хотели, ресторани, винариници, превозници, туристички водичи, музеи, и институции  “, изјави Сулев.
Александар Кузманоски, член на УО на НАИТМ истакна дека со развојот на секторот туризам неопходно е сузбивање на нелојалната конкуренција, обединување на сите чинители и имплементирање на барањата кои произлегуваат од секторот.
„ Неопходно е системско справување со нелојалната конкуренција која се провлекува години наназад, а претставува сериозен проблем кој треба соодветно да се третира. Веруваме дека новото Законско решение кое е во процедура ќе се имплементира соодветно со прифаќање на нашите барања. Стоиме на располагање на институциите за надминување на предизвиците во секторот се со цел развој на туризмот и негово поголемо учество во БДП“, изјави Кузманоски.
Минатата година во земјава се регистрирани над еден милион туристи, со три  милиони ноќевања, а туризмот учествува со три проценти во БДП.