Туристичкиот сектор на бизнис средби во Балтичките земји


Туристичкиот сектор на бизнис средби во Балтичките земји ќе ги промовира македонските туристички потенцијали и можности, соопштија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во период од 27 до 29 февруари директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Јасмина Лескаровска, Влатко Сулев, генерален менаџер на Балкан Прајм Турс и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), претставници од ТАВ Македонија, туроператорите Фибула и Сумонум Травел ќе ги презентираат туристичките потенцијали и туристички продукти на земјава во трите балтички престолнини, Рига, Талин и Вилнус.

Културата, сончева дестинација, престижно вино, исклучителна гастрономија, авантуристички и рурален туризам се дел од понудата што ќе се промовира и презентира пред туроператори во  Естонија, Латвија и Литванија. Ова туристичко и бизнис роуд шоу во Балтичките земји како идентификуван целен пазар е пред почетокот на најавениот директен лет Скопје-Рига од страна на авиокомпанија “Ер Балтик“, во мај оваа година. Роуд шоуто е поддржано од ИМЕ- Програмата за зголемување на пазарната вработливост, се вели во соопштението до медиумите.
 „Македонија во идниот период ќе мора да инвестира и посветено да работи за развој на еко туризмот и другите алтернативни форми на туризам, бидејќи во изминатите години многу малку е сработено во рамките на дестинациите и воопшто во нашата земја од аспект на градење на одржливи зелени дестинации. Мора да постои кохезија и директна соработка  помеѓу властите, приватните компании и невладините организации, кои сè повеќе ги поддржуваат и охрабруваат одржливите практики во туристичката индустрија. Инвестициите во еколошката инфраструктура, иницијативите за обновлива енергија и иновативните решенија за управување со отпад покажуваат посветеност на долгорочна одржливост. Бидејќи во иднина Македонија ќе треба да се приклучи кон останатите балкански земји во делот на привлекување на туристи кои се грижат за животната средина и бараат значајни и автентични искуства, притоа придонесувајќи за зачувување на природната убавина“, истакна Лескаровска.