Турција се заканува со офанзива врз Курдите, САД предупредува за разорни последици


Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа го предупреди турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу на „потенцијално разорните последици од турска еднострана воена акција во Сирија“.

Стејт департментот соопшти дека на средбата на Помпео со Чавушоглу на маргините на одбележувањето на 70-годишнината од НАТО, американскиот државен секретар даде „поддршка на преговорите кои се во тек, а се однесуваат на североисточниот дел од Сирија“.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп во декември минатата година најави повлекување на американските војници од Сирија, судбината на курдските сили кои се бореа против џихадистите од Исламска држава на страната на САД, е неизвесна.

Турција се заканува дека ќе покрене офанзива со цел да ги оддалечи од границата курдските борци на Единиците за заштита на народот (ЈПГ) кои ги смета за терористи.

Помпео во јануари изјави дека бара гаранции од Турција дека нема да изведе „масакр врз Курдите“.

Вашингтон и Анкара претходно не се договорија за воспоставување на „безбедносни зони“ на турско-сириската граница, поради што на тоа подрачје оставени се мал број војници.

Помпео исто така изрази загриженост поради тоа што Турција планира да купи од Русија противракетен систем С-400.

Чавушоглу наведе дека Анкара нема да се откаже од С-400, истакнувајќи оти „Турција не може да биде принудувана да избира помеѓу Западот и Русија.