Турција се приклучи кон лунарната програма „Артемида“ на НАСА
Вашингтон – Турција официјално стана 71. земја што се приклучи кон лунарната програма „Артемида“ на НАСА, соопшти турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, цитиран од „Хуриет дејли њуз“.
Каџир ја објави информацијата од седиштето на НАСА во Вашингтон, каде што денеска се одржа официјална церемонија по повод приклучувањето на Турција кон програмата. Покрај Каџир, на настанот учествуваа и директорот на Турската вселенска агенција Јусуф Кирач, администраторот на НАСА Џаред Ајзакман, турскиот амбасадор во Вашингтон Седат Јонал и првиот турски астронаут Алпер Гезеравџи.
– Нашата цел е да воспоставиме одржливо присуство во вселената и да преземеме чекори кон нејзино мирно користење во корист на целото човештво – изјави Каџир за време на церемонијата.
Тој нагласи дека приклучувањето на Турција кон програмата „Артемида“ е поврзано и со првото лансирање на турски вселенски апарат кон Месечината, што Турција планира да го реализира на почетокот на 2027 година.