Турција сака да изгради нов воден пат – Истанбулскиот канал ќе ги поврзува Црното и Мраморното море


Турскиот министер за животна средина и урбан развој Мурат Курум најави одобрување на планот за изградба на Истанбулскиот канал, нов воден пат што ќе ги поврзува Црното и Мраморното море.
„Го одобривме планот за изградба на Истанбулскиот канал откако ги испитавме сите барања и приговори. Во овој контекст, ќе преземеме брзи чекори за да осигуриме дека каналот ќе биде во корист на нашиот град”, напиша Курум на Твитер.

Турција планираше да започне со изградба на нов канал од 51 километар во 2018 година. Во тоа време, работата беше планирана да заврши во 2023 година, до 100-годишнината од основањето на Република Турција. Приближната цена на проектот е 10 милијарди долари.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган постојано изјавуваше дека наскоро ќе се одржи тендер за изградба на Истанбулскиот канал, кој ќе се протега паралелно со Босфор, пренесува Хина.

Проектот за изградба на нов канал на 100 километри западно од Истанбул прв го објави Ердоган пред изборите во 2011 година.

Турската опозиција и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу се противат на проектот и бараат да биде распишан референдум.

Се проценува дека низ новиот канал ќе може да поминуваат околу 160 бродови дневно, вклучително и танкери со носивост до 300 илјади тони.

Годишно 53.000 бродови минуваат низ Босфор.