Турција разочарана од Македонија поради Курдите и „ѓуленистите“

Турција ѝ се налути на Македонија затоа што не добила наша поддршка за офанзивата кон Курдите во Сирија, како и поради тоа што земјава не испорачала ниту еден „ѓуленист“. Турската амбасадорка во Скопје, Тулин Еркал Кара денеска соопшти дека Анкара очекувала поголемо разбирање од соседите поради обидите за разбивање на ПКК и други курдски организации, кои Турција ги смета за терористички за да формира безбедносна зона за бегалците што се наоѓаат под нејзина територија.

„За жал, морам да кажам дека државните претставници на Северна Македонија првин ги очекуваа изјавите од претставниците на ЕУ, па и нивните изјави потоа одеа во таа насока“, прокоментира Кара.

Таа праша дали е подобро Турција да ги отвори вратите за 3.5 милиони бегалци од Сирија што се наоѓаат на нејзина територија. Кара е резигнирана што Македонија не прифати ниту едно барање за екстрадиција на турски државјани што живеат во земјава, а кои, според Анкара се поврзани со Фатула Ѓулен, кого го обвинуваат за неуспешниот државен удар пред три години.

Турската амбасадорка во Скопје посочи дека операцијата „Извор на мирот“ ќе продолжи до расчистување на регионот од „терористи“. Таа изјави дека досега се убиени 637 припадници на курдската работничка партија, а дваесетина им се предале на турските власти.

Од друга страна, настрадале четири турски војници и дваесетина цивили.

„Операцијата се реализира според меѓународното право односно правото на самоодбрана и со зачувување на територијалниот интегритет на Сирија“, заклучи Кара и обвини дека се води црна кампања против Турција.