Турција на Ердоган: „Тој живее како султан, додека ние се бориме да преживееме“


Претседателскиот систем на Ердоган во Турција постои три години, во кои има поголема сиромаштија и пробиви во демократијата. Турската лира доживеа историски колапс, а приходите драстично се намалија. Според официјалните податоци, инфлацијата се приближува до 20 проценти, а сметките за електрична енергија се зголемени за 122 проценти во тие три години.

Турција живее во глад – за храна и демократија

Невработеноста достигна 27,2 процента, а кај жените – 33,7 отсто. Невработеноста меѓу младите постави уште еден рекорд и сега изнесува 42,4 проценти. Според националната статистика, 16 од 82 милиони Турци живеат под прагот на сиромаштија.

– Во однос на демократијата, ние исто така живееме под прагот на сиромаштија, рече Булент Мумај за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Тој, исто така, даде конкретен пример кој ја илустрира ситуацијата: откако една од опозициските партии протестираше против зголемувањето на цената на електричната енергија, струјата и беше исклучена.

Во меѓувреме, од претседателската палата се упатени нови повици за штедење, иако луѓето веќе тонат во сиромаштија. Емине, сопругата на Ердоган, ги советуваше граѓаните да ги намалат своите порции. А пред да тргнат да пазарат, задолжително да направат список за купување. Таквиот совет го дава првата дама, чија чанта чини 50.000 долари. Претседателот, пак, издаде декрет за намалување на трошоците за државните службеници – се разбира, тоа да не се однесува за вработените во неговата палата.

Ердоган и неговата сопруга уживаат во луксуз

Пред само неколку месеци, годишниот буџет на претседателството беше зголемен од 7,4 милијарди евра на 11,2 милијарди евра. И додека Ердоган и неговата сопруга ги подучуваат своите посиромашни сонародници, фотографиите во весниците покажуваат каде се излеваат нивните пари. На нив е прикажан целиот сјај на летната резиденција на брегот на Белото Море со 300 соби, изградена за Ердоган за 63 милиони евра. И станува јасно за што се користат парите на народот: приватна плажа, џамија, два столба, хелиодром, специјални станбени комплекси за вработените.

А и песокот на плажата не е случаен – за да наликува на тропска плажа, донесени се 29.000 тони песок. Не е познато од каде точно се донесени, но таков светол ситен песок се наоѓа само во две заштитени зони во Турција – античкиот град Патара и брегот на езерото Салда. Опозициските прашања за потеклото на песокот останаа неодговорени. Сепак, се чини дека песокот е од Патара, од каде што не треба да се земе ниту зрнце.

„Тој живее како султан, додека ние се бориме да преживееме“

Како што пишува „Шпигел“, летната резиденција на Ердоган во Мармарис била изградена пред две години, но деталите околу неа се чуваат како државна тајна.

– Ни е кажано дека треба да јадеме помалку, но тие имаат пари за луксузни чанти и за изградба на палати во Мармарис, изјави за интернет-платформата The National, 71-годишен пензионер кој продава хартиени марамчиња во Истанбул. „Претседателот секогаш велеше декај ги претставува нормални луѓе и тој самиот има скромно потекло, но сега гледаме дека живее како султан, додека сите други се борат да преживеат, вели старецот.

Голем број Турци веќе не се чувствуваат претставени од Ердоган. Анкетите покажуваат дека турскиот претседател губи се поголема поддршка. Без својот ултранационалистички коалициски партнер – Партијата за националистичко дејствување, владејачката Партија на правдата и развојот не би можела да има мнозинство во Парламентот.

Наспроти сето ова, Ердоган изгради нова луксузна вила – но сега на езерото Ван. (Дојче Веле)