Турција ја обвинува Грција дека депортира мигранти без процедура за азил, а ЕУ се прави дека не гледа

Турција и некои организации за човекови права ја обвинија Грција за обемни депортации на мигрантите без пристап до процедурите за азил, што е спротивно на меѓународното право, пренесуваат американските медиуми.

Анкара, исто така, ја обвини и ЕУ дека се преправа дека не ги гледа очигледните кршења на човековите права.

Турската крајбрежна стража соопшти дека само во текот на овој месец спасила повеќе од 300 мигранти вратени од грчките власти во турските триторијални води.

Токму од овие причини некои меѓународни организации за човекови права, а меѓу нив се Хјуман рајтс воч и УНХЦР, повикаа на отворање истрага, повикувајќи се на сигурни извори,

Американските медиуми наведуваат дека Грција ги отфрли обвинувањата и ја обвини Анкара за снабдување на мигрантите со оружје.

Турција уште во март се закани дека ќе испрати мигранти кон Европа и ги прогласи своите граници со ЕУ за отворени. По ова соопштение илјадници мигранти поитаа на границата со Грција. Атина тогаш одлучи да ги затвори границите и на еден месец да ги суспендира апликациите за азил.

Грчката крајбрежна стража соопшти дека нејзините турски колеги често ги следеле бродовите што шверцуваат мигранти во Грција и доставија видео материјали за поткрепа на овие наводи. Таа, исто така, наведува дека, според договорот за сузбивање на миграциските текови, склучен меѓу ЕУ и Турција, Анкара е должна да ги запре луѓето кои нелегално влегуваат во земјата.

Грција и Турција се во спор околу неколку територијални прашања, а барателите на азил се најдоа среде овој геополитички конфликт. Тензиите драматично се продлабочија летово, во врска со прашањето за поморската јурисдикција во регионот на Источен Медитеран.