Турција избира претседател, зошто тоа е важно за целиот свет

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во петокот вечерта дека ќе го прифати резултатот од изборите во недела и дека ќе се повлече доколку загуби


Турција излегува на биралиштата в недела кога се одржуваат претседателските и парламентарните избори. Според анкетите, актуелниот претседател Таип Ердоган заостанува зад неговиот главен ривал Кемал Киличдароглу.

По 20 години на чело на Турција, Ердоган се соочува со својот најтежок изборен тест поради негодувањето на јавноста поради економските тешкотии, неговото справување со последиците од земјотресите во февруари и околу 3,5 милиони сириски бегалци. Тој изјави во петокот вечерта дека ќе го прифати резултатот од изборите во недела и дека ќе се повлече доколку загуби, а се осврна на загриженоста дека можеби нема да ја напушти власта.

„Многу смешно прашање. Доаѓаме на власт преку демократски средства во Турција. Ако нашата нација одлучи поинаку, ќе го направам она што ќе го бара демократијата, нема што друго да се прави“, рече Ердоган на телевизија доцна во петокот на прашањето дали ќе предаде над власта.

Кандидатот на здружената опозиција Кемал Киличдароглу според анкетите е малку пред Ердоган.

Анкета: Киличдароглу 49,3 и Ердоган 43,7 отсто

Анкетата спроведена од Конда покажа дека Ердоган има поддршка од 43,7 отсто, а Киличдароглу 49,3 отсто, што го остава само помалку од мнозинството потребно за победа во првиот круг.

Ова е првпат по 20 години, откако првпат дојде на власт во 2003 година, Ердоган да не е фаворит на изборите во Турција. Вкупно 64 милиони Турци со право на глас, од 85 милиони, ќе изберат нов претседател и парламент. Излезноста на изборите во 2018 година беше поголема од 86 отсто во самата Турција.

Доколку никој не обезбеди мнозинство, изборите одат во вториот круг, кој е закажан за 28 мај. Друг кандидат е Синан Оган. Агенциите јавуваат дека кандидатот Мухарем Инџе се откажал од претседателската кандидатура.

Овој потег се смета за удар за Ердоган. Со неговото повлекување главниот турски берзански индекс скокна за 6 отсто. Финансиските пазари се на работ бидејќи Киличдароглу вети дека ќе ја смени неортодоксната економска политика на Ердоган.

Инџе, кој имаше 2,2 отсто поддршка во анкетата на Конда, рече дека бил цел на кампања за оцрнување, вклучувајќи лажни видеа и документи кои кружат на социјалните мрежи, и ги обвини новинарите и обвинителите дека не ја вршат својата работа додавајќи дека некои го обвинуваат дека соработувал со Ердоган за да го спречи изборот на Киличдароглу.

„Се откажувам од мојата кандидатура. Ова го правам за мојата земја“, рече тој.

Кои се кандидатите?

Претседателот Реџеп Таип Ердоган (69) беше градоначалник на Истанбул од 1994 до 1998 година. Од 2003 до 2014 година беше премиер на Турција. Тој стана 12-ти претседател на Турција во 2014 година.

Тој го спроведе уставниот референдум во 2017 година, со што ја консолидираше својата власт. Наскоро воведе претседателски систем. Оттогаш, кабинетот на премиерот повеќе не постои. Претседателот е тој што ги именува и разрешува министрите и раководи со кабинетот на премиерот. Се смета дека тој има моќ да ги контролира политичките процеси, администрацијата и судството повеќе од кој било турски државник во последните 100 години.

Ердоган е кандидат на Народната алијанса, која покрај неговата АКП ја сочинуваат екстремните националистички МХП и ББП, како и исламистичката Нова Партија на благосостојба и ХУДАПАР. Ердоган пред изборите ветува продолжување на претседателскиот систем, пониски каматни стапки и силна, независна Турција со влијание во поширокиот регион.

Турски Ганди

Киличдароглу (74), кој го нарекуваат и турски Ганди, е кандидат на најголемиот опозициски сојуз кој го сочинуваат шест партии од различни политички спектри. Водечка партија е секуларната Републиканска народна партија, на чело со Киличдароглу.

Кампањата на Киличдароглу се заснова на трансформација на Турција и нејзино враќање во парламентарен систем, како и на укинување на повеќето други уставни измени на Ердоган.

Тој сака да ја врати парламентарната демократија, владеењето на правото, слободата на изразување и слободата на медиумите и да обезбеди повторно почитување на поделбата на власта. Киличдароглу неодамна изјави за Дојче веле дека доколку биде избран на функцијата, ќе го укине членот со кој се криминализира навредата на претседателот, член кој му овозможи на Ердоган да изведе многу луѓе пред лицето на правдата.

Киличдароглу и неговиот шестпартиски опозициски сојуз ветуваат дека ќе ја трансформираат Турција и ќе ја вратат во „силен парламентарен систем“. Тие сакаат да поништат што е можно повеќе уставни промени на Ердоган, кои ја зголемија неговата моќ. Тој се залага за зближување со Европската унија и САД, но и за враќање на мнозинството бегалци во Сирија, на доброволна основа.

Инџе (59) кој се повлече од кандидатурата, е поранешен член на ЦХП, воедно и претседателски кандидат на оваа партија на изборите во 2018 година, кога освои нешто повеќе од 30 отсто од гласовите. Годинава се соочи со многу критики поради тоа што се кандидираше како независен кандидат.

Четвртиот кандидат е Синан Оган (55), кој ги застапува националистичките вредности. „Штом бидам избран за претседател, ќе ги вратам назад сите бегалци кои ја крадат иднината на турската младина“, е една од неговите изјави. Не му се дава сериозна шанса. Според истражувањето на Конда, поддршката за четвртиот претседателски кандидат Синан Оган е 4,8 отсто.

Колку Киличдароглу се разликува од Ердоган

Станува збор за угледен турски економист, кој својата економска кариера ја изгради во Анкара (предаваше на престижниот универзитет Хаџетепе и беше во управниот одбор на банката Ис), додека политичката кариера ја започна во Истанбул.

Социјалдемократ во душа, кемалист по избор, Киличдароглу беше под радарот, особено ако се погледне популарноста на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, но тој беше очигледно компромисниот избор на петте партии.

Киличдароглу сака да ја ресетира Турција и да ја врати на поставките пред АКП и Ердоган, односно да го врати стариот политички систем на парламентарната република, да ја сврти Турција повеќе кон Запад и НАТО, да ги реши проблемите со соседите (особено Сирија), да ја зајакне централната банка, како и да го намали влијанието на верските вредности.

Во изборната кампања доминираше состојбата на турската економија и кризата со трошоците за живот. Инфлацијата официјално е 43,68 отсто. Лошата состојба на економијата му го одзема на Ердоган неговиот водечки аргумент, оној на силниот економски раст и огромните градежни проекти.

Би-Би-Си потсетува дека Турција отсекогаш цврсто се придржувала до условите на своите кредитни договори со ММФ.

Но, во последниве години, неговата влада ја наруши независноста на централната банка. Инфлацијата скокна бидејќи каматните стапки беа ниски, додека вредноста на турската лира поевтини за да го подобри трговскиот биланс и да го зголеми извозот.

Геополитички најважни избори годинава

Многу светски медиуми ја нагласуваат важноста на овие избори. „Вашингтон пост“ уште во јануари се појави со наслов „Најважните избори во светот во 2023 година ќе бидат во Турција“, а британскиот тинк-тенк „Чатам хаус“ ги вброи изборите во Турција меѓу „трите најважни настани чии резултати се очекуваат во светот оваа година“. „Економист“ ги прогласи изборите во Турција за „најважни избори во светот“.

Политико ги нарекува овие избори најважни во 2023 година и наведува дека тие силно ќе влијаат на безбедноста во Европа и на Блискиот Исток. Во аналитичкиот текст на Политико се наведува дека изборот на турскиот народ ќе ја дефинира улогата на Турција во НАТО алијансата, нејзиниот однос со САД, Европската унија и Русија, миграциската политика, улогата на Анкара во војната во Украина…

Турскиот научник и предавач на неколку меѓународни универзитети, Седат Лацинер, кој помина седум години во затвор поради критикување на режимот на Ердоган, за Модерна дипломатија напиша дека во последно време често има тврдења дека Турција секој ден се оддалечува од Западот и се приближува до Русија, потсетувајќи бројни средби меѓу Путин и Ердоган.

Тој додава дека овие избори се важни за глобалната позиција на Турција.

„Стратешката позиција на Турција отсекогаш била од најголема важност во глобалната политика. Таа граничи со неколку региони и има потенцијал да влијае на рамнотежата на силите во некои од најкритичните географски области. Како нација со најдолго крајбрежје на Црното Море, Турција игра клучна улога во украинската војна и во односите меѓу Русија и Западот“, напиша тој.

Иако може да се предвиди дека промената на владата потенцијално може да ги намали тензиите и да обезбеди можност за обновување на односите меѓу Западот и Анкара, треба да се забележи дека секој првичен позитивен ефект може да биде минлив. Веројатно ќе се појават нови предизвици и конфликти, дури и со промена на власта во Турција.

Претстојните избори на 14 мај ќе имаат значителни последици, не само за Турција, туку и за глобалната политика. Последиците од изборите претставуваат единствена можност за Западот и Турција да ги обноват своите односи и да започнат одново. Од друга страна, Русија и Кина внимателно го следат исходот од изборите и нивната политика кон Турција ќе биде под влијание на какви било промени во владата во Анкара.