Турција гневна поради карикатура на Ердоган во „Шарли Ебдо“


ИСТАНБУЛ – Највисоките турски официјални лица ја осудија карикатурата на претседателот Таип Ердоган во францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо во средата, нарекувајќи го „одвратен напор“ за „ширење на неговиот културен расизам и омраза“.

Турскиот гнев кон карикатурата додаде гориво во расправијата меѓу Турција и Франција за карикатурите на пророкот Мухамед, што се разгоре откако овој месец во Франција беше обезглавен учител кој им ги покажал на учениците при лекција за слобода на говор.

„Силно го осудуваме објавувањето во врска со нашиот претседател во францускиот магазин, кое не почитува никакво верување, светост и вредности“, напиша претседателскиот портпарол Ибрахим Калин на Твитер.

„Тие само ја покажуваат сопствената вулгарност и неморал. Напад врз личните права не е хумор и изразување на слободата “, рече тој.

На карикатурата на насловната страница на „Шарли Ебдо“, се гледа како Ердоган седи во бела маица и гаќи, како држи лименка со пијалак заедно со жена облечена во исламски хиџаб.

Директорот за комуникации на турскиот претседател Фахретин Алтун рече дека „антимуслиманската агенда на Макрон вроди со плод!“.

„Го осудуваме овој најодвратен напори на оваа публикација за ширење на неговиот културен расизам и омраза“, напиша Алтун на Твитер.

Ердоган остро го критикуваше Макрон викендов, велејќи дека на францускиот лидер му треба проверка на менталното здравје, што ја натера Франција да го повика својот амбасадор од Анкара. Во понеделникот Ердоган повика на бојкот на француските производи. (Ројтерс)