Турција: Доживотен затвор за сопственикот на хотелот и осуммина обвинети за пожарот во кој загинаа 78 лица


Анкара – Осум доживотни затворски казни изрече денеска Судот во случајот за смртоносниот пожар во јануари во луксузен хотел во скијачкиот центар во Турција, во кој загинаа 78 лица, јави турската приватна телевизија НТВ.

Меѓу осудените на доживотен затвор со строг режим е и сопственикот на хотелот, Халит Ергјул. Истата казна ја добија неговата сопруга Емине Ергјул и неговите ќерки Елиф Араз и Џејда Хаџибекироглу, кои биле дел од раководниот состав на хотелот, како и главниот менаџер Емир Арас, управителот Зеки Јилмаз, заменик-градоначалникот на Болу, Седат Ѓуленер, и директорот на друг хотел, Ахмет Демир.

Судењето се водеше против вкупно 32 обвинети, од кои 20 беа во притвор, а поради големиот обем, судската седница се одржа во специјално адаптирана сала во локално училиште во провинцијата Болу, со засилени безбедносни мерки.

Вкупно 78 лица загинаа, а над 130 беа повредени во пожарот што на 21 јануари го зафати 12-катниот хотел „Гранд Картал“ во одморалиштето Карталкаја во северозападниот округ Болу. Трагедијата се случи за време на зимскиот распуст на учениците, кога во хотелот беа сместени 238 гости. Многумина се обиделе да се спасат скокајќи низ прозорците или спуштајќи се од собите со јажиња направени од чаршафи. 

Пожарот, еден од најсмртоносните во поновата турска историја, избувна на 21 јануари во кујната на 12-катниот хотел и се проширил поради дрвената фасада, покажуваат првичните наоди. Трагедијата предизвика гнев во јавноста поради неадекватноста на безбедносните мерки. Според медиумските написи, истрагите утврдиле бројни нерегуларности кои можеле да бидат отстранети, а со тоа да се избегне големиот број жртви.

Објавувањето на пресудите беше дочекано со аплауз во судницата. Сепак, критичарите сметаат дека во судскиот процес од одговорност биле исклучени функционери од Владата и од Министерството за туризам.