Турција донесе закон со кој ќе соберат 4 милиони бездомни кучиња – следува крвопролевање?
Турскиот парламент денеска усвои закон со кој се наложува милиони кучиња скитници да бидат собрани и однесени во засолништа, и покрај критиките од јавноста и главната опозициска партија, која вети дека ќе го оспори законот на суд.
Законот го подготви владејачката партија АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган, а критичарите тврдат дека ќе доведе до убивање на милиони кучиња, пренесува Ројтерс.
Се проценува дека во Турција има околу четири милиони кучиња скитници, а поддржувачите на законот како причини за неговото усвојување наведуваат напади, беснило и сообраќајни несреќи.
Според новите правила, сите кучиња кои покажуваат агресивно однесување или знаци на болест ќе бидат евтаназирани.
Законот беше усвоен со 275 гласа „за“ и 224 „против“. Активистите за правата на животните повикаа на засилени кампањи за стерилизација, а опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) соопшти дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд.
„Предлог-законот е очигледно противуставен и не го штити правото на живот. Ќе направиме повеќе од она што се бара од нас во однос на изградбата на повеќе засолништа, вакцини, стерилизации и вдомувања, но не е можно целосно да го носиме овој товар со силата што ја имаат општините“, рече лидерот на ЦХП, Озгур Озел по усвојувањето на спорниот закон.
Тој додаде дека општините имаат ограничени ресурси, недоволни да се грижат за сите бездомни кучиња.
Во земјата во моментов има 322 прифатилишта за животни со капацитет за 105.000 кучиња, според законот, што е многу помалку од она што би било потребно за згрижување на сите скитници.
Законот бара сите општини да потрошат најмалку 0,3 отсто од својот годишен буџет за услуги за рехабилитација на животни и за изградба или подобрување на засолништа и ќе им даде рок до 2028 година да го сторат тоа.
Илјадници луѓе излегоа на улиците во последниве недели да протестираат против законот, повремено судирајќи се со полицијата и носејќи транспаренти со пароли како „Не можете да ги убиете“ и „Укинете го законот“.
Жителите на турските градови често се грижат за уличните животни, градат импровизирани засолништа и им носат храна и вода. Една анкета покажа дека помалку од 3 отсто од луѓето ја поддржуваат евтаназијата на овие кучиња, додека речиси 80 отсто од населението изјавиле дека се залагаат за нивно сместување во засолништа.