Трудовиот инспекторат добил над 6.000 претставки за непочитување на мерките, на работа вратиле 1.200 лица

Владата обезбеди средства за сите што останаа без работа во услови на пандемија. Се работи за средства од Светска банка кои ќе овозможат 48.000 лица кои останале без работа по основ на пандемија да бидат поддржани со 150 евра или 9.000 денари, во период од четири до девет месеци зависно од бројот на баратели за користење на оваа мерка, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на трибината што ја организира „Гласен Текстилец“ во Штип.

Шахпаска потсети дека четвртиот пакет економски мерки за стопанството се разликува од останатите и освен што се обезбедува државна помош за најпогодените компании, предвидува и скалеста исплата. Со пакетот вреден 57 милиони евра, директно се вбризгуваат пари во стопанството за да се зачуваат работните места.

Според министерката, за мерките за невработените од оперативниот план на Агенцијата за вработување годинава веќе се искористени 78 отсто, а од буџетот се обезбедени над една милјарда денари. Бројката на социјални семејства во државата пред пандемијата била 27.000, а за време на пандемијата се зголемила за 5.000. До денес во земјава има 32.000 домаќинства приматели на социјална помош.

-Нашата соработка со невладиниот сектор продолжува, со „Гласен текстилец“, за подигнување на свеста кај работниците за нивните права. Работиме заеднички на новото законско решение, законот за работни односи кој треба јасно да ги дефинира договорите за работа, работата на определено време, флексибилното работно време, породилното отсуство, сезонската работа, неделниот одмор на работниците и останатите права врз основа на  искуствата што ги добиваме од соседството, меѓутоа и врз основа на стандардите од Меѓународната организација за труд, рече Шахпаска.

Посочи дека за тоа колку биле одговорни како власт во адресирање на проблемите на текстилните работници и работнички, на вработените во кожарската индустрија и индустријата за обувки го докажале  со гарантирање на минимална плата за сите вработени во индустријата, без да прават дискриминација од кој сектор доаѓаат и таа минимална плата од 9.000 денари до крајот на мандатот за нецели две години сега веќе да изнесува 15 илјади денари.

-Единствена цел што не обединува е сите да покажеме висока одговорност и свест да го чуваме прво сопственото здравје, да го чуваме здравјето на останатите, затоа што после тоа ни претстои многу голема работа по завршувањето на кризата за подобрување на економијата и движење во позитивна насока напред, тоа ќе овозможи зголемување како на минималната плата, така и на просечната плата коишто претставуваат заеднички интерес и на владата и на работниците и на работодавачите, напомена Шахпаска.

На прашањето колку во време на криза, работодавачите се трудат да ги испочитуваат работничките права, Шахпаска одговори дека заложбата на Министерството, но и на синдикатите и невладините е да ги пријават сите злопупотреби.

-Не почитување на правата директно, затоа што ова е една вонредна ситуација со која сите и како држава и како свет сме соочени. Јас верувам дека одговорноста е кај работодавачите, а во нивен интерес е да создадат безбедни услови за работа и престој на работниците на работниците затоа што зачувувајќи ја здравствена состојба на работниците, тие овозможуваат непречено одвивање на работниот процес, оцени Шахпаска.

Директорот на Државниот трудов инпсекторат Алајдин Хазлиу истакна дека од почетокот на пандемија  досега буквално гаселе пожари, по претставките на работниците и невладината „Гласен текстилец“.

-Бројката на јавување кај нас е над 6.000, односно 6.000 претставки, а најчесто се однесуваат за непочитување на мерките на Владата за хронично болни, отпуштање од работа. Ние во овој период вративме над 1.000 луѓе и ги поништивме решенијата, кои не се согласно законот. Така да на работа вративме околу 1.200 луѓе назад во работниот процес, рече Хазлиу.

Според Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, постигната е целта на оваа Текстилијада, бидејќи отворено се говореше за работничките права, но и за решенијата што треба да се најдат.

-За три години успеавме да излобираме за покачување на минималната плата, а во време на оваа криза вратени сме многу назад, бидејќи оваа криза е непредвидлива и не е фер кон сите нас. Дали е исполнета целта, мислам дека да, рече Ампева.

Четвртата Текстилијада завршува утре, а на настанот се очекува да присуствува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Гласен текстилец најави презентација на нова анализа.

Пред почетокот на дебатата за правата на работниците во време на корона, се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски