Tрпчески ќе настапува со легендарниот Максим Венгеров на концерт во Белгија


Македонскиот пијанист Симон Трпчески утре на фестивалот „Музика Мунди“ крај Брисел, ќе настапи заедно со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на сите времиња. На програмата се камерни дела од Моцарт, Франк, Прокофјев и Равел.

-Нашето пријателство датира веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ЕМИ Класикс, Џон Фрејзер, ни зборуваше на двајцата посебно дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, на наша лична иницијатива спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек што има создадено историја на многу млади години и остава длабока неизбришлива трага во историјата на интерпретативната уметност. Многу се радувам!, вели Трпчески, додавајќи дека во наредната концертна сезона оваа соработка се очекува да продолжи на буквално најпрестижните светски концертни сцени.

Како што соопшти „КултурОп“. Трпчески имаше богат концертен распоред и од крајот на мај до средината на овој месец имаше настапи во Стразбур, Софија, Санкт Петерсбург, Овиедо, Букурешт, Ливерпул, Монпелје и Кишињев.

Трите концерти со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар на нивната матична сцена имаа повеќе емотивни нагласки. Освен што беа прв постпандемиски настап на миленикот на британската публика во Обединетото Кралство од стартот на пандемијата, уште повеќе што значеа заокружување на соработката на „тимот од соништата“, како што англиските медиуми ги нарекуваат Трпчески, диригентот Васили Петренко и овој оркестар. Со овие настапи Петренко го заврши 15-годишниот професионален предизвик како шеф-диригент на ливерпулскиот оркестар.

-Беше чест да се биде солист токму на овие концерти бидејќи ние заеднички делиме многу, многу спомени и професионални успеси, не само на концерти туку и на наградуваните звучни записи. Беа планирани два, па поради голем интерес, се додаде и трет концерт и добивме и стоечки овации и многу, многу интензивни емоции. Петренко продолжува во Лондон како нов шеф-диригент на Кралскиот филхармониски оркестар, а веќе следната година не чека нова соработка таму, појасни Трпчески за Македонското радио.

Од септември Трпчески е резидентен артист на Фестивалот во Марибор, Словенија, каде ќе одржи четири концерти, меѓу кои е и вечерта со „МАКЕДОНИСИМО“.

„КултурОп“ информира дека максимални пет ѕвездички и избор за ЦД на месецот додели „БиБиСи мјузик магазин“ за најновиот компакт-диск на македонскиот пијанист Симон Трпчески на кој заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович.

Критичарот Мајкл Чрч подвлекува дека „оваа снимка на Трпчески е прекрасен излог за тоа што може композиторот да направи од пијаното… изведбата на Трпчески е величенствена во целото времетраење: извонредна во Анданте-то со своето ехо од Рахмањинов, па се до дивината во последната експлозија на радост“.

Иако поминаа два месеца од официјалното излегување на албумот, не стивнува интересот на критиката и публиката. Критичарот на порталот „Мјузик веб интернешнал“, Дејвид Р. Дансмор вели дека „од сега ова е негово фаворит ЦД“, а највисоки пет ѕвездички на албумот му додели и германскиот магазин „Фоно Форум“.