Трошоците на живот во јули пораснале 0,8 отсто


Трошоците на живот во јули бележат раст од 0,8 отсто во однос на јули лани, а цените на мало 0,7 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на животот во јули 2019 година, во однос на претходниот месец, има раст од 0,2 отсто, а индексот на цените на мало за 1,1 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 4,8 отсто, маслото и маснотиите за 2,1 отсто, лебот и житата за 1,7 отсто, другите млечни производи за 0,6 отсто, житата за 0,4 отсто, трбушките, сирењето и урдата, сувото овошје и јаткастите производи за 0,3 отсто, месото, свежата и разладената риба, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, другите прехранбени производи за 0,2  отсто.

Во јули 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот исто така е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 25,4 отсто, информатичката опрема за 7,8 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 4,7 отсто, услугите за сместување за два отсто, автомобилите за 1,5 отсто, велосипедите за 1,3 отсто, другите медицински производи за 0,7  отсто, лековите за 0,5 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,4 отсто, цврстите горива за домаќинствата, теписите и другите покривки за под за 0,3 отсто, средствата за чистење и одржување на станот, другите услуги за опремата за сопствен превоз, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за седум отсто, другите пекарски производи за 0,3 отсто и јајцата за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ромовите, филмовите за 13,7 отсто, гасот за домаќинствата за 4,1 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 2,6 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1,4 отсто, обувките за 1,2 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,1 отсто,  течните горива за домаќинствата за еден отсто, ткаенините, книгите за 0,8 отсто, мебелот и покуќнината, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,4 отсто, телефонските и телефаксапаратите и телефонските и телефакс-услугите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,3 отсто.