Тројцата кандидати за ректор на УКИМ ќе ги поднесат програмите зашто истекува рокот, а постапката за избор не е запрена


Фото: Б. Грданоски

Тројцата кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорите Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов, соопштија дека се принудени да ги поднесат своите програми зашто рокот истекува денеска, а Универзитетската изборна комисија не го стопира конкурсот како што предвидува Уредбата за примена на Законот за високо образование  што Владата ја допрецизираше пред три дена.

– Бидејќи до овој момент Универзитетската изборна комисија не го стопира конкурсот,  а рокот за пријавување истекува денес во 16.00 часот, ние како потенцијални кандидати приморани сме да ги поднесеме документите иако во целост ни е јасна уредбата од Владата, се наведува во дописот на тројцата кандидати за ректор на УКИМ.

На барање на Независниот академски синдикат (НАкС) за автентично толкување поради нејасност,  Владата на седница во петокот го допрецизирање членот 5 од Уредбата за високо образование,  кој се однесува на избор на органи и тела и продолжување на мандати на високообразовни установи во време на вонредна состојба.

– Тој предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, мандатот, постапките за избор ќе започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба. Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон, соопшти прес-службата на Владата по одржаната седница во петокот.

Покрај НАкС, запирање на постапката за избор на ректор на УКИМ, денеска побара и СОНК, кој во реакција наведе дека е јасна најновата Уредба на Владата за замрзнување на изборните активности на УКИМ сè до завршување на вонредната состојба во државата и дека очекува  изборната комисија при УКИМ во текот на денов да ги стопира и одложи сите свои активности.

Во спротивно, како што наведе СОНК, ќе имаат основано сомнение дека е направено кривично дело против здравјето и безбедноста на луѓето, како и злоупотреба на службената должност.

Постапката за избор на ректор на УКИМ, актуелниот Никола Јанкуловски, кој се кандидира за втор мандат, ја почна во март.. Антикорупциската комисија, на барање на Независниот академски синдикат (НАкС), пред десетина дена му наложи на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да изврши вонреден  надзор, а покрај за изборот на ректор, НАкС поднесе претставка до ДПИ и за незаконски избор на членови на Сенатот на УКИМ.