Тројца мигранти патувале на кормилото на танкер од Нигерија до Канарските Острови


Шокантна фотографија: тројцата мигранти вака патувале 11 дена

 

Шпанската крајбрежна стража спаси тројца мигранти качени на танкер што пристигна на Канарските Острови од Нигерија, седејќи на кормилото веднаш над водната линија.

На фотографијата дистрибуирана на Твитер од страна на крајбрежната стража во понеделникот, тројцата мигранти се прикажани качени на кормилото на танкерот за нафта и хемиски производи „Алитини II“.

Бродот „Алитини II“ со малтешко знаме пристигна во Лас Палмас во Гран Канарија во понеделникот попладне по 11-дневно патување од Лагос во Нигерија, според „Марин трафик“, веб-страница за следење бродови.

Мигрантите беа однесени во пристаништето и беа посетени од здравствените служби поради дехидрација и хипотермија, објави Крајбрежната стража на Твитер.

Џема Сантана, новинарка и советник за миграција на владата на Канарските Острови, на Твитер напиша: „Ова не е прво и нема да биде последно. Мигрантите во вакви случаи не секогаш ја имаат истата среќа“.

Пристигнувањето на мигрантите во Канарските Острови драстично се зголемија од крајот на 2019 година, откако беа зајакнати проверките на медитеранските рути.

Во октомври 2020 година, четири лица се сместија на кормилото на танкер со нафта од Лагос, криејќи се 10 дена пред да бидат откриени од полицијата кога бродот стигна во Лас Палмас.

Шпанските податоци покажуваат дека миграцијата по море до архипелагот скокнала за 51 отсто во првите пет месеци од годината во споредба со претходната година.