Тројца кандидати за двете испразнети места во Судскиот совет, изборите закажани на 13 јули

Судскиот совет на Македонија на денешната седница ја утврди кандидатската листа за избор на двајца нови членови, кои треба да бидат избрани на местата на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски, судија во скопска Апелација, кои си поднесоа оставка по скандалите во ова тело. На седницата беше формирана Комисијата што ќе го спроведе изборот кој согласно донесеното решение треба да се случи наредниот четврток, на 13 јули. Иако сите им порачуваат дека треба да се распуштат, во Судскиот совет и со овој избор глумат нормалност, додавајќи уште еден во низата скандали.
Имено, согласно утврдените кандидатски листи, судијата Наќе Георгиев од Врховниот суд е единствен кандидат од редовите на врховните судии за член на Судскиот совет. Од редовите на судиите на кандидатската листа за апелациското подрачје Скопје и од управните судови се двајца кандидати откако на седницата беше усвоен приговорот на судијата од Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев, чија кандидатура првично не беше земена предвид поради некомплетно доставена пријава.Покрај него, кандидатура поднесе и Антонета Димовска судија на Граѓански суд Скопје.
Во гласањето по приговорот на Нанев осум членови на Советот гласаа за негово прифаќање, а два меѓу кои и поранешната претседателка на Советот Весна Дамева, беа против.
-Судскиот совет од 26 април, е исправен пред голем предизвик. Одлучив по ова прашање денес гласно да молчам а моето мислење да го изразам единствено преку гласањето и ќе гласам против усвојување на приговорот, рече Дамева која се изјасни против предложениот кандидат за член на СС од редот на врховните судии.
За да се случи ова денес Судскиот совет вчера на затворена седница ја запре постапката што се водеше против Наќе Георгиев, отворена минатата година за перидот додека бил претседател на Апелациониот суд во Штип. Наќе Георгиев е врховен судија за граѓанска област и го работеше извештајот за злоупотребите на АКМИС системот во скопските судови, за кој Судскиот совет се изјасни негативно, претседател е и на Комисија за дигитализација на судството и заедно со поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески и обвинителката Фатиме Фетаи со гратиси од ФФМ ја бодреа Македонија. Кога беше избран за претседател на судот во Кавадарци, тогашниот состав на Судски совет му порача дека треба да биде судија, а не ТВ ѕвезда. Преставка против него се чуваше во фиока 6 месеци но на вчерашната затворена седница членовите на Советот одлучиле дека постапката за негово разрешување – била неоснована. Заедничко за Георгиев и за Нанев е што имаа сериозни постапки за одговорност за Нанев известување до Судскиот совет од ОЈО Кавадарци и од Вишото јавно обвинителство на Скопје за нестручно и несовесно работење, но и за однесување кон обвинители.
Судскиот совет е составен од 15 члена. Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор. На претседател на Врховниот суд на Република Македонија и на министер за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот. Со изборот на новите двајца членови закажан за 13 месецов треба да биде комплетиран составот на Судскиот совет.
Инаку, Наќе Георгиев пријавил куќа и земјоделско земјиште во Струмичко што биле добиени како подарок, доградба на куќа, стан од 92 метри квадратни на име на децата , стан во Струмица на име на сопругата и три автомобили – сите „ауди“.
Антоанета Димовска пријавила земја и куќа во Скопје, „шкода октавиа“, прилив на сретства од продажба на стан и кредит од 53 илјади евра. Како заеднички имот пријавила стан во Скопје и уште еден стан на име на сопругот добиен како подарок. пријавила уште три автомобили, акции на име на сопругот, прилив од продажба на стан на име на сопругот и уште еден кредит за кој нема податоци кога ќе биде вратен.
Нанев во анкетниот лист за ДКСК пријавил деловен простор од 22 метри квадратни во Кавадарци, две земјоделски земјишта и куќа со двор како имот на родителите, стан како личен имот, „фолксваген туарег“ и две „хјундаи“ , два кредита – од кои еден на две години, а другиот на 24 години и денарски депозити.