Тројца градоначалници пак се сликаа на Вардариште – Аеродромци секојдневно го дишат


Депонијата Вардариште по октомври ќе замине во историјата! – ветува и денеска градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефановски, откако по вчерашниот пожар и утрово Аеродром, особено Ново Лисиче се разбуди во магла од чад. 
 
Тој денеска заедно со градоначалникот на Кислеа Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески беше на депонијата, направија увид и на физибилити студијата за посебен третман на депонијата која е направена и чека реализација.
 
Веднаш по локалните избори градот Скопје со целосна поддршка од Гази Баба и Аеродром ќе започне со активности согласно студијата и на ова место ќе се изгради најголемиот зелен парк во Скопје – најавува Стефковски.
 
Но, вакви ветувања повеќепати се давани и од него и од неговите претходници, а состојбата не само што не се решила, туку е и позагрижувачка. Летово само повеќепати чадеше од таму, а најмногу Аеродром беше завиткан во чад. Два пати и струјата во оваа општина беше исклучена поради пожар кој се закануваше на жиците и трафостаницата. 
 
Сепак, ветувањата за надзор на локацијата се остваруваа само неколку дена по ваквите посети на градоначалниците, а потоа никој, освен оние кои горат кабли за да го извадата бакарот не оди на Вардариште. 
 
Кандидатката за градоначалник на Скопје, од редовите на СДСМ пак, во едно интервју пред две недели, посочи дека Вардариште мора да остане претоварна станица, каде најпрво се носи отпадот, за потоа да се транспортира до депонијата „Дрисла“. Според неа, секој што ветува претворање на оваа локација во парк или спортски терени, како што првично ветуваше Стефковски, ќе мора да одреди друга локација за претоварна станица. Дополнително, Шукова укажува дека таму поминува и колекторскиот систем за Скопје, кој го градеше француска фирма, со која пак сме на арбитража и додека не заврши арбитражата никој не смее да чепне ништо таму. 
 
Речиси 30 години поминаа откако поранешната градска депонија Вардариште е затворена, а за да се започне со санација, ремедијација и рекултивација на Вардариште, за што уште во 2014 год. е изработена физибилити студија, предуслов е да се донесат преостанатите два ДУП-а за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3. Врз таа основа ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација, ремедијација и рекултивација на Вардариште.
 
Општина Гази Баба доставила во јануари 2023 барање до Министерството за транспорт и врски (МТВ) изработката на овие два ДУП-а да се вметне во Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови на Владата за 2023 година. Но, МТВ не ги вметнало во годишната Програма за 2023. Во септември 2023 година, општина Гази Баба повторно доставува барање до МТВ за вметнување на изработка на двата ДУП-а во Програмата на Влада за 2024 година.
 
Во ова време министер е Благој Бочварски од СДСМ, но сега министер е Александар Николоски, но од Министерството за транспорт и врски не одговорија дали  овие барања се стигнати до него и кога планира да ги потпише? Исто така, не одговорија ни на прашањето дали  изработката на двата ДУП-а е вметната во Програмата на Владата за 2025 година?
 
Во меѓувреме, Владата даде половина милијарда на локалните самоуправи за разноразни капитални и помали проекти од кредиотот од Унгарија, а за  да се среди овој огромен проблем најмногу за жителите на Аеродром, иако Вардариште не е на нејзина територија, со проект никој не аплицирал.