Трочањи го обвинува Парламентот за политичка одлука
Ласло Трочањи реагираше на одлуката на комисијата за правни прашања на Европскиот Парламент, која денеска оцени дека тој не може да биде европски комесар поради конфликт на интереси.
Трочањи не сакаше да одговара на новинарски прашање по неговиот состанок со членовите на парламентарната комисија, но издаде писмено соопштение, во кое обвинува за политичка одлука.
-На затворена седница, без пристап за јавноста, одговорив на сите прашања кои ми беа поставени на транспарентен начин, во склад со претходно поднесените документи. Во случајот за унгарскиот комесар, беше донесена политичка одлука во отсуство од било каква основа на факти и имам целосна намера да ги преземам сите правни чекори против неа, стои во реакцијата на Унгарецот.
Тој понатаму им се заблагодари на сите оние кои го поддржуваат да го преземе ова портфолио “од историска важност за Унгарија“.
Ласло Трочањи, поранешен министер за правда на Виктор Орбан, беше испрашуван писмено, а потоа усно денеска за потенцијален конфликт на интереси во врска со договори склучени помеѓу неговата адвокатска фирма и унгарската влада за време на неговиот министерски мандат.
Членката на комисијата за правни прашања, Манон Обри, по денешната седница, изјави дека не може за сега да ги обелоденува деталите за отфрлањето на кандидатурата на Трочањи, но порача дека за тоа има “солидна основа“.
Сослушувањето од страна на комисијата за правни прашања е новитет во процесот на назначување на еврокомесарите. Ова е прв пат да се користи овој “филтер“ пред официјалните сослушувања.
На неколку комесари им беа испратени писмени прашања околу можните конфликти на интереси, а од нив пратениците оценија дека Трочањи и Плумб треба да одговорат и на дополнителни прашања на седница на комисијата. Комисијата сега треба да го информира претседателството на Европскиот Парламент, кое треба да донесе одлука, по што претседателката на Европската Комисија ќе се произнесе.
-За сега тоа значи дека процедурата е суспендирана, но тоа не значи дека автоматски мора друг кандидат да биде предложен, зависно од тоа која опција ќе ја одбере Европскиот Парламент во координација со назначената претседателка на ЕК, изјави денеска Мина Андреева, портпаролка на Европската Комисија.
Европскиот Парламент сега треба да одлучи кое решение ќе се бара за овие два кандидати. Според процедуралните правила на Европарламентот, во случај на утврден конфликт на интереси, две опции се можни.
Едната е на кандидатот да му се поднесат препораки за решавање на конфликтот на интереси кој постои, на пример да се откаже од евентуалните финансиски интереси или да побара друго портфолио доколку конфликтот е поврзан со тоа. Во посериозни случаи, или во случај да не постои можност да се реши конфликтот на интереси, комисијата за правни работи заклучува дека кандидатот не е во можност да стапи на функција и ќе бара од претседателката на Европската Комисија да се изјасни како планира да настапи.