„Трнливиот пат“ на Северна Македонија кон ЕУ продолжува и во 2021
Изминатата година беше турбулентна на секој план – пандемија на Ковид-19, предвремени парламенарни избори, економска криза, но беше бурно и во нашите евроатлантски интеграции. Северна Македонија стана 30. членка на НАТО, доби одлука за почеток на преговори со Европската Унија по 15 години поминати во чекалницата на ЕУ како земја кандидат.
Но, и покрај очекувањата и исполнетото, земјава сепак се соочи со „студен туш“ од својот сосед – блокадата на Бугарија, која не ја прифати преговарачката рамка за Северна Македонија, со барања за јазикот и идентитетот, кои излегуваат од рамката на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан меѓу двете земји во 2017 година.
Долгоочекуваната одлука за почеток на пристапни преговори на 24 март изминатата година, по маратонските 15 години поминати како земја-кандидат и со над десет препораки од страна на Европската комисија за започнување преговори, беше поздравена од целиот државен врв.
На заедничка прес-конференција на 24 март техничкиот премиер Оливер Спасовски, тогашниот шеф на дипломатија Никола Димитров и вицепремиерот за евроинтеграции во тоа време Бујар Османи, рекоа дека оваа вест пристигна во исклучително тежок момент за нашата држава, Европа и за целиот свет.
Спасовски тогаш потврди дека Советот на ЕУ се согласил државава во најбрз можен рок да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Спасовски рече дека признанието за подвигот на државата е резултат на тешките политички одлуки што ги донесе.
Тогашниот вицепремиер за европски прашања Османи оцени дека одлуката не е подарок, ниту пак е чиста политичка одлука, туку признание за суштинскиот напредок на земјата, на посветеноста на Владата и признание за успехот во добрососедските односи.
Никола Димитров, кој тогаш беше шеф на дипломатијата, истакна дека одлуката на ЕУ во ова време невреме е симбол на нејзината вистинска сила. – Да си дадеме сите момент на радост и гордост за признанието кон истрајната работа и непоколебливата надеж. За остварениот аманет од предците, за отворената врата на македонските поколенија. За дадената шанса да продолжиме дека умееме и припаѓаме во европското семејство, рече тогаш Димитров.
Додека Европа се бореше со последиците од пандемијата на Ковид-19, со своите внатрешни проблеми, во исто време подготвувајќи го макрофинансискиот пакет финансиска помош тежок 3,3 милијарди евра за Западен Балкан, а Северна Македонија ја очекуваше Нацрт преговарачката рамка, Бугарија подготвуваше терен да го блокира почетокот на преговорите со Северна Македонија.
Во јули Европската комисија го заклучи текстот на Нацрт преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија.
Во Нацрт-рамката на Европската комисија јасно беше употребен терминот македонски јазик во делот во кој се истакнува дека целото ЕУ законодавство ќе треба да биде преведено на јазикот на земјата преговарач, во случајов македонски. Впрочем, Северна Македонија веќе со години има акредитирани преведувачи на и од македонски јазик, акредитација што официјално ја издава Европската комисија, па така и кога премиерот Зоран Заев се обрати на македонски на пленарна седница во Европскиот парламент, се употреби и тогаш официјално македонски јазик.
Непосредно по претставувањето на Нацрт преговарачката рамка, Бугарија на 16 септември излезе со Објаснувачки меморандум, што го испрати до земјите-членки на ЕУ, со кој директно постави услови за Северна Македонија од кои зависи преговарачкиот процес на земјата. Официјална Софија побара поддршка од членките за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.
Софија во документот нагласи дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“. Бугарските власти ја повикаа земјава да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“. Според Бугарија ова „наследство“ е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија. Што се однесува до јазикот, Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот. Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград за поткопување на бугарскиот идентитет. Официјална Софија поставува услови и во однос на малцинствата.
Овој документ на Софија беше само вовед во официјалната блокада на усвојувањето на преговарачката рамка, што подоцна на Северна Македонија и оневозможи да ја одржи првата меѓувладина конференција до крајот на годината со што и официјално би почнале преговорите. Во тие неколку месеци доминираа изјави на бугарски официјални претставници, меѓу кои најгласни беа шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, со кои се негираше постоењето на македонскиот идентитет и јазик, придружено со говор на омраза и од двете страни. Сето тоа само одмогна да се дојде до решение на проблемот, а се создаде недоверба и во Договорот за добрососедство, за кој Софија обвини дека Скопје доследно не го применува.
На почетокот на ноември, ЕУ ја подготви преговарачката рамка за Северна Македонија, јазикот останува македонски, добрососедските односи суштински за проширувањето, но тогаш не беа вметнати барањата на Бугарија за дефинирање на македонската нација и македонскиот јазик, како и билатералните прашања меѓу Скопје и Софија.
Во меѓувреме тогашниот претседавач со ЕУ – Германија вложи силен ангажман за да се дојде до решение меѓу двете страни. Се формираа и работни групи меѓу МНР на Северна Македонија и Бугарија, надвор од Заедничката комисија за историски и образовни прашања. Владата го назначи и поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, кој пак непосредно после тоа замина за Софија каде одржа средби со премиерот Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.
Северна Македонија јасно ги постави своите црвени линии – за идентитетот и јазикот не се преговара. Премиерот Зоран Заев дури и кажа дека ќе одбие преговори со ЕУ доколку цената е ревизија на македонскиот идентитет со условите што ги наметнува Бугарија.
– Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија, порача премиерот Заев во обраќањето до нацијата на 9 декември, откако официјална Софија претходниот ден по вторпат, за неполн месец, стави блокада за одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Бугарија стави вето, рече Заев, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати, потсети тој, институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
Оцени дека тоа не е европски чин. – За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство, подвлече Заев.
Повторувајќи ги црвените линии околу македонскиот идентитет и јазик, на традиционалното новогодишно обраќање претседателот Стево Пендаровски изрази надеж дека и покрај бугарското вето, Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ.
– Во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, порача претседателот.
Тој потенцира дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите и оти за таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат. Претседателот оцени дека ЕУ е далеку од совршена, но алтернативата на овој европски пат, според него е, „да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат“. А, голем дел од граѓаните не би сакале да видат ваков развој на настаните.
На 16 декември, сепак Бугарија издејствува во нацрт заклучоците на ЕУ кои се однесуваат на проширувањето да се најде реченицата „Погрешно толкување на историјата“. Реченицата беше додадена во преамбулата на нацрт заклучоците за целиот регион, но сепак директно беше поврзана за Северна Македонија.
На крајот на параграфот е додадено: „Советот нагласува дека во ЕУ нема место за распалувачка реторика и глорификација на воените злосторници од која било страна. Изјавите кои негативно влијаат на добрососедските односи и мирното решавање на споровите мора да се избегнуваат. Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“.
Реченицата за „погрешно толкување на историјата“ се појави прв пат во заклучоците на ЕУ за Северна Македонија за време на бугарското претседавање со Унијата во 2018, по склучувањето на договорот со Грција и Бугарија.
Меѓутоа, неколку дена подоцна, Чешка и Словачка објавија официјално заеднички став дека не можат да се согласат со заклучоците на германското претседателство. Главен проблем – „погрешното толкување на историјата“.
Чешка и Словачка му се заблагодарија германското претседателство за обидите да се изнајде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но смета дека тие се неприфатливи и дека претставуваат опасен политички преседан за процесот.
Во заедничкото соопштение на Чешка и Словачка се потсетува дека заклучоците за Советот на ЕУ треба да „испратат обединета порака“ и имаат директни последици врз иднината на процесот на проширување. – Со оглед на клучната улога на овој документ и откако внимателно го разгледавме, не бевме во можност да дадеме согласност за нацртот презентиран денеска. Текстот каков што е содржи елементи, вклучително и поимот за фалсификување на историјата, кои смета дека ќе бидат многу штетни за процесот на проширување и можат потенцијално да донесат повеќе компликации во иднина, заеднички соопштија Чешка и Словачка.
Прага и Братислава потсетуваат дека се „длабоко разочарани“ што преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија не можеа исто така да бидат усвоени оваа година како што се очекуваше.
Германското претседателство зарши. Сега проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија е во рацете на португалското претседателство.
Во Бугарија има парламентарни избори во март, а премиерот Зоран Заев се надева на пробив во разговорите по изборите кај нив.
Во врска со преговорите со Бугарија и за содржината на нонпејперот и разговорите на специјалниот претставник на Северна Македонија Владо Бучковски во комуникацијата со Софија, премиерот Заев на 14 декември, по повод обраќањето за 100 дена Влада, подвлече дека со бугарската страна постојано се разменуваат идеи за надминување на пречките.
– Тоа се размена на идеи коишто постојано ги даваме, и ќе продолжиме да ги даваме се додека не ги надминеме проблемите и пречките коишто од страна на Бугарија се испречија на нашата европска интеграција. Тука е Акциониот план што е изработен заедно министерот за надворешни работи, со потпретседателот на Владата за европски прашања, и со Канцеларијата на претседателот на Владата како дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија, рече премиерот Заев.
Во меѓувреме Владата најави Акција 21, со која ќе се продолжи со клучните реформи, за да не се заостане на европскиот пат и да се донесат европските стандарди дома.
Северна Македонија е одлучна дека нема алтернатива за европскиот пат, а нашиот „трнлив“ пат кон ЕУ ќе продолжи и во 2021 година.