Трка за тутун: Најмногу се откупува во прва класа


 

Откупот на тутунот е при крај и веќе се откупуваат последните килограми произведен тутун. Годинешната реколта се откупува во 200 откупни пунктови на целата територија на државата преку 10 регистрирани откупни претпријатија.

Според процените, откупот на тутун се очекува целосно да биде завршен пред Нова година, пишува „Агротим“.

„Најголем дел од откупот е завршен и се очекува да биде готов до крајот на годината“, изјави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера во Прилеп и истакна дека најголемиот дел од откупениот тутун, односно околу 14.000 тони се прва класа.

„За прва класа на тутун, државата има подготвено 80 денари субвенција по килограм“, рече Николовски и истакна дека сите овие убави вести одат во прилог на исправноста на моделот за субвенционирање. „Задоволството на тутунарите е очигледно, никогаш ваква цена на тутунот не е постигната досега“, заклучи Николовски.

„Агротим“ разговараше со Менде Стомнароски, претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, кој денеска ни изјави дека постигната е досега рекордна просечна цена за килограм тутун и за разлика од минатите години, овој пат производителите на тутун се задоволни од цените.

Тој рече дека сѐ уште е рано да се каже каков ќе биде интересот за производство на тутун за наредна година, но за разлика од минатата година, годинава интересот за садење тутун е зголемен, а тутунопроизводителите очекуваа за наредната година да има уште подобри услови.

Тутунопроизводителката Лидија Костоска, која заедно со сопругот во една година произведуваат нешто повеќе од еден тон тутун, вели дека годинава е задоволна од проценката и цената на тутунот.

Колку ќе заработи едно четиричлено семејство ако произведе три тона тутун?

Најголем дел, според изјавите на земјоделците и МЗШВ е во прва класа. Ако знаеме дека цената на прва класа тутун е 300 денари и ги додадеме субвенциите од државата од 80 денари за килограм, значи во буџетот на семејството годинава од тутунот ќе влезат 1.140.000 денари или 18.500 евра. Според кажувањата на земјоделците трошоците им се околу 15%, значи дека семејството од тутунот ќе има месечен приход од 1.300 евра.