Трка за новиот британски премиер, нека започнат игрите

По објавувањето на оставката на британската премиерка, Тереза Меј, медиумите шпекулираат за тоа кој би можел да ја наследи на чело на конзервативната партија и на местото премиер.

Партиски функционери очекуваат новиот лидер да биде избран во јули. Додека тоа не се заврши Тереза Мај ќе остане на позицијата премиер. Процесот за избор на нов лидер на конзервативната партија треба да започне една недела откако Меј ќе поднесе оставка.

Засега четири кандидати ја изразија својата намера да влезат во трката: актуелниот министер за надворешни работи, Џереми Хант, министерот за меѓународен развој, Рори Стјуарт, поранешниот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, и поранешниот министер за труд Естер Меквеј.

Сепак, се верува дека и многу други сериозно размислуваат дали да се кандидираат, вклучувајќи го и пратеникот Грејем Брејди.

Министерката за труд Амбер Рад изјави за „Телеграф“ дека ова не е нејзиниот момент. Сепак, таа додаде дека во иднина би можела да работи со Борис Џонсон, нагласувајќи дека веќе соработувала со него.

Во петокот, министерот за животна средина, Мајкл Гов, кој е уште еден можен кандидат одби да каже дали ќе се кандидира или не.

Се разбира, веднаш се ангажирани и букмејкерите кои го означија Борис Џонсон како главен фаворит, пред поранешниот министер за Брегзит Домик Раб и Мајкл Гов.

Конзервативните пратеници имаат рок до 10 јуни да се кандидираат, а секој од нив ја има оваа опција под услов да биде поддржан од двајца свои колеги од парламентот. Листата ќе се смалува сѐ додека не останат само двајца кандидати, а во јули сите членови на партијата ќе одлучат кој ќе биде победник.

Во март минатата година конзервативната партија броеше 124.000 членови. Ова ќе биде првпат членовите на партијата директно да го бираат премиерот.

Тереза Меј, објавувајќи ја одлуката за оставката рече дека направила сé што е во нејзина можност да постапува и дејствува во согласност со исходот од референдумот во 2016 година, на кој британските граѓани гласаа за напуштање на ЕУ.