Триумфално враќање на Ана Дурловски на сцената: Бисовите на јубилејниот концерт во Филхармонија немаа крај


Кога во една вечер на сцената ќе се спојат композитор со два Оскари (Ерих Корнголд), сопранистка со префинет глас и харизма која ја освои публиката и во „Метрополитен“ во Њујорк (Ана Дурловски) и диригент кој диригирал заедно со славниот маестро Лорин Мазел (Јерухам Шаровски) тоа значи врв на уметничко доживување, музичка катарза и ерупција на емоции кои не сме заеле дека ги имаме. 

Синоќа, во полната сала, Македонската филхармонија, на најубав начин ја започна јубилејната сезона, насловена „Одисеја“, а самиот концерт, синоќа, насловен „Го славиме јубилејот“, понуди специфична програма која го задоволи вкусот на разновидната дотерана публика од сите генерации.

Светски познатата сопранистка Ана Дурловски, првенка во МОБ, и постојан член на ансамблот на Операта во Штутгард, Германија, по седум години, триумфално се врати на сцената, а очигледно ѝ фалеше на публиката која повт0рно и повторно ја повикуваше на бис по светската премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев и  премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел. По паузата на репертоарот беше симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски.

Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Л. Сабит