Триумф на десницата во Италија, Џорџа Мелони на пат да стане првата жена премиер во земјата

Привремените резултати покажаа дека десничарскиот блок треба да има убедливо мнозинство во двата дома на парламентот, што е потенцијална ретка шанса за политичка стабилност во Италија


 

Лидерката на крајната десница Џорџа Мелони е победник на изборите во Италија, покажуваат изборните анкети, така што е на пат да стане првата жена премиер во земјата, јавува „Би-Би-Си“.

Доколку бидат потврдени изборните резултати, Мелони ќе ја формира најдесничарската влада во Италија од Втората светска војна.

Излезната анкета на „РАИ“ предвидува дека таа ќе освои меѓу 22 и 26 отсто од гласовите, пред нејзиниот најблизок ривал Енрико Лета од левиот центар. Неколку останати изборни анкети и даваат предност на десничарската коалиција од 41 до 45 проценти од гласовите.

Партиите од коалицијата на левиот центар ќе заостанат далеку зад десницата, со некаде меѓу 25,5 до 29,5 проценти.

Привремените резултати покажаа дека десничарскиот блок треба да има убедливо мнозинство во двата дома на парламентот, што е потенцијална ретка шанса за политичка стабилност во Италија по години пресврти и кревки коалиции, оценува Ројтерс.

Но, Мелони и нејзините сојузници се соочуваат со растечки список на предизвици, вклучувајќи ги и зголемените цени на енергијата, војната во Украина и обновеното забавување на третата по големина економија во еврозоната.

„Мораме да запомниме дека не сме на крајната точка, туку на почетната точка. Од утре мора да ја докажеме нашата вредност“, им рече Мелони (45) на поддржувачите на нејзината националистичка партија Браќа на Италија во понеделникот наутро.

Мелони ги минимизира постфашистичките корени на партијата и ја претставува како мејнстрим политичка групација како британските конзервативци. Таа вети дека ќе продолжи да ја поддржува западната политика кон Украина и дека нема да експериментира со кревките финансии на Италија.

Европските престолнини и финансиските пазари внимателно ќе ги следат нејзините рани потези со оглед на нејзиното евроскептично минато и амбивалентниот однос на нејзините коалициски партнери кон Русија. Во нејзиниот победнички говор, Мелони имаше помирувачки тон.

„Ако сме повикани да управуваме со оваа земја, тоа ќе го направиме за сите Италијанци со цел да ги обединиме луѓето и да се фокусираме на она што не обединува, а не на она што не дели“, рече таа.

„Време е за одговорност“, додаде таа.

Лош резултат на Лигата на Матео Салвини

Откако се преброени повеќе од половина од гласачките ливчиња, Браќата од Италија имаат 26 отсто од гласовите, што е огромен пораст во споредба со само 4 отсто на претходните парламентарни избори во 2018 година.
Спротивно на тоа, главниот сојузник на Мелони во централно-десничарската коалиција, како што официјално се нарекува коалицијата, имаше катастрофална ноќ. Лигата на Матео Салвини освои, според сегашните резултати, околу 9 отсто од гласовите, што е голем пад во споредба со повеќе од 17 отсто пред четири години, додека Мелони ја престигна Лигата и во традиционалните упоришта на северот на земјата.

Третиот член на таа коалиција, партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, освои околу 8 отсто од гласовите, така што партијата Браќа на Италија е доминантна во коалицијата.

Иако се предвидува дека десничарската коалиција ќе има удобно мнозинство и во горниот и во долниот дом на италијанскиот парламент, коалициските партнери имаат различни ставови за неколку прашања кои можеби е тешко да се усогласат. За разлика од Мелони, Салвини ги доведува во прашање санкциите на Западот против Русија, а тој и Берлускони често го изразуваа своето восхитување од рускиот лидер Владимир Путин.

Тие, исто така, имаат различни ставови за тоа како да се справат со зголемените сметки за енергија и дадоа низа ветувања, вклучително и намалување на даноците и пензиските реформи, кои Италија ќе се бори да си ги дозволи.

Мелони ќе ја преземе функцијата од Марио Драги, поранешниот шеф на Европската централна банка, кој го сврте Рим кон центарот на одлучувањето во ЕУ, потпирајќи се на блиските врски со Париз и Берлин.

Владата на технократскиот премиер Марио Драги пропадна по 18 месеци откако ја напушти популистичкото Движење Пет ѕвезди. Партијата Браќата на Италија беше единствената од поголемите партии што не учествуваше во таа влада на национално единство. Меѓу првите лидери кои и честитаа на Мелони беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е близок до Салвини и лидерите на десничарската коалиција.

Излезноста на вчерашните избори беше мала, некаде до 64,7 отсто до затворањето на избирачките места, соопшти италијанското Министерство за внатрешни работи. Особено мал интерес за изборите е забележан во јужните региони, вклучително и Сицилија.

На изборите гласале 64 отсто од гласачите, што е за десет процентни поени помалку од пред четири години и во исто време најниска излезност во историјата. Десницата целосно го искористи италијанскиот изборен закон, кој ги фаворизира партиите кои формираат предизборни сојузи.

Заедно со традиционалната коалиција на десниот центар и коалицијата на левиот центар, популистичкото Движење пет ѕвезди освои 16 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција околу партијата Акција освои 7 отсто од гласовите.

Најголемата партија во коалицијата на левиот центар, Демократската партија, освои 19 отсто од гласовите. „Ова е тажна ноќ за земјата“, изјави за новинарите истакнатата пратеничка на ПД Дебора Серачиани. Десницата има мнозинство во парламентот, но не и во земјата“, додаде таа.