Тритан Шеху: Албанија е во состојба на „државен удар“


Поранешниот шеф на албанската дипломатија и екс-пратеник на Демократската партија, Тритан Шеху смета дека Албанија е во состојба на „државен удар”. Тој при тоа наведува низа настани што, според него, го оправдуваат фактот дека Албанија се соочува со таква реалност.

Во реакцијата преку Фејсбук, посочува дека една земја како Албанија, каде не функционира Уставен суд, во која на претседателот на државата, како Врховен командат на вооржените сили, не му се дава објаснување за дислоцирање на армиски сили на аеродромот во Тирана, тогаш кај граѓаните се раѓа правото и потребата за одбрана на демократијата.

– Албанија е во состојба на „државен удар“. Денеска имаме Парламент преполн со криминалци, имаме заменик министер за надворешни работи, кој на антиуставен начин ја „претставува“ земјата како министер, постои распоредување на армиски сили за контрола на цивилниот аеродром во земјата со јавно одбивање да му се даде објаснување на претседателот, што е уставна обврска. Земјата веќе две години нема Уставен суд, нема ни Врховен суд, наведува Шеху, кој е познат универзитетски професор.

Верувам дека е доволно, додава тој, за да не одиме понатаму со кршења на основните човекови права, сопственоста, слободи, институционално структурирање итн.

– Во овие услови, заштитата на демократијата станува неопходна национална потреба, констатира Шеху.