Триста наставници во Битола не знаат дали ќе продолжат да работат

Вработувањата во битолските основни и средни училишта веќе подолго време е мета да препукување меѓу централната и локалната власт


Гимназијата „Јосип Броз Тито“

 

БИТОЛА – Неизвесно е дали 301 наставници од основното и средното образование во Битола ќе продолжат да работат и дали учениците ќе имаат настава пред крајот на прво полугодие, откако Министерството за образование не даде согласност за трансформацијата на работниот однос, објави денеска на прес-конференција градоначалникот Тони Коњановски. 

Образованието и вработувањата на одделенски и предметни наставници во битолските основни и средни училишта веќе подолго време е мета да препукување меѓу централната и локалната власт. 

Сега бројката во Општина Битола во основните училишта на наставници за кои е побарана согласност за распишување на оглас е 213, а во средните училишта 88 наставници.

Коњановски денеска искажа загриженост за одвивањето на воспитно-образованиот процес во Битола, бидејќи деновиве завршуваат договорите на наставниците. 

„Повторно испративме барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности, во кое потенциравме дека договорите на вработените лица до три месеци им завршуваат во декември, а тогаш се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците, наставниците не ќе можат да ја завршат оваа работа“, рече градоначалникот

Според Коњановски, централната власт продолжувала со „партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината во делот на ангажирање на наставниот кадар“. Тој вели дека материјалните трошоци (гориво, превоз на ученици и друго) за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу 1 милион евра, не се во интерес на МОН и тие остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите.

Министерството за образование и ги одзеде ингеренциите на Општина Битола за подрачното основното  училиште „Александар Турунџев“ во Кукуречани. Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи станува збор за десетина просветни работници кои се отпуштени дома, наместо да бидат вработени на неопределено време, па апелираше Општина Битола да го почитува Законот за основно и средно образование и да ја спроведе трансформацијата.

„Има просветни работници во Општина Битола кои работат подолго од 2, 3, 4, 5 години, а за нив од Комисијата на Општината се доставени предмети за трансформација на нивниот работен однос. Но, не знам од какви причини директорите на основните училишта, истите тие наставници кои ги имаат поминато сите потребни законски процедури за трансформација, не ги држат на работните места. Сите тие наставници кои беа досега на работа и ги исполнуваат критериумите за трансформација, да се вратат на работните места и да не се донесуваат одлуки со политичка заднина. Ако не се постапува јас ќе ги заштитам просветните работници и ќе ја одземам ингеренцијата на Општината“, најави министерот за образование Шаќири.

Сега градоначалникот Коњановски вели дека и по две недели од најавата на министерот, сѐ уште нема поставено директор во подрачното училиште во Кукуречани, па отворено прашува ако имал исправна одлука министерот зошто назначувањето се пролонгира?