Трипуновски: Нивото на водата во Мавровското езеро пониско за 22 метри


Нивото на водата во последните неколку месеци е драстично опаднато, и во моментов Мавровското езеро се наоѓа на 22 метри под максималната кота и е на само 4 метри од минималната кота. Ова е вистинска катастрофа, порача денес Мирко Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него и за тоа е виновен премиерот Зоран Заев.

-Пресушеното езеро е резултат на прекумерното и расипничко располагање со водата за производство на струја. Владата и раководството на АД ЕЛЕМ, за да покаже дека нешто сработиле, прекумерно произведуваше струја од хидроакумулациите и со тоа го доведе под знак прашање опстанокот на езерата во Република Македонија.

Ниту владата, ниту раководството на АД ЕЛЕМ не зема во предвид дека Мавровското езеро служи  и за рекреативни цели и истото привлекува голем број на туристи, како во зимскиот, така и во летниот период. Ниту владата, ниту раководството на АД ЕЛЕМ не земаа во предвид ни дека со наглото празнење на хидроакумулациите се доведува под знак прашање и целиот биодиверзитет.

Трката за брз профит и желба да покажат наводен успех во производството на струја, сега резултира со пресушени езера, но и поскап увоз на електрична енергија. Пред нас е зимски период, потрошувачката на струја ќе се зголеми, а со тоа и увозот, така да владата не само што не решила ниту еден проблем, туку создала два нови, тврди Трипуновски, додавајќи дека кога Заев е премиер во Македонија има пустош.